Ќерката на министерот на СДСМ, Никола Димитров добила стипендија во висина од 40.000 евра за да студира во странство. Ни помалку ни повеќе, 40.000 евра, за студирање на престижен универзитет во Холандија во Утрехт. Замислете, ќерката на Димитров добива стипендија во вредност од 40.000 евра на универзитет во непосредна близина од нивното семејно живеалиште во Холандија, додека пак нашите студенти во Република Македонија немаат кај да спијат и принудени се да спијат во дворовите на студентските домови. Учениците немаат учебници во училиштата, најмалите немаат храна во училиштата. Очигледно е дека животот во Република Македонија дојде само за семејствата на функционерите на СДСМ и Владата. Ќерката на Димитров добива стипендија од 40.000 евра во Холандија. Синот на Ленче Николовска, советничката на Зоран Заев добива вработување во Фондот за иновации. Снаата на Цветанка Ласкова, советничката на Зоран Заев добива грант од 300.000 евра од Фондот за иновации. Децата на Талат Џафери и Грчев добиваат вработување во ЕЛЕМ, изјави Димче Арсовски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој спомена и дека фирмите на Локвенец и останатите од СДСМ добиваат грантови од стотици илјади евра од Фондот за иновации.

-Кочо Анѓушев како што знаете добива тендери и грантови секојдневно, како само тој да работи во држава, како и продажба на својата фирма за струја ЕДС на Грција. Ова покажува и докажува по 101ви пат, дека обичниот граѓанин, оној кој не е син, ќерка или внук на некој од министрите и Владата на СДСМ, не е вреден, не е достоен и не е доволно квалитетен да користи било какви благодети што ги нуди државата, изјави портпаролот на опозициската партија.

Арсовски кажа дека ова е доказ дека единствено децата на функционерите на СДСМ се достојни да добиваат стипендии, вработувања и грантови.

Среќна нова ’49 година!

-Додека ја замајуваат државата со референдум, иднината на државата и европските вредности, граѓаните гледаат дека СДСМ се бори само за својата лична иднина и на своите деца и нивните најблиски, а со Европа и европските вредности имаат заедничко само тоа што функционерите на СДСМ се родени и живеат на тлото на Европа. Непотизам не е европска вредност. Бараме уште веднаш Никола Димитров да ја повлече стипендијата на својата ќерка и да им се извини на над 30.000 студенти во Република Македонија за ова што го направи. Со истата стипендија може да се образува некој на кој навистина му е потребна, а не ќерка на министер кој е 15тина години на разни државнички позиции, изјави Арсовски.