Атина е „иритирана“ од Скопје заради застојот со постигнатиот договор за името, порача денес претставник на грчката влада.

„Имаме добар договор на масата, за кој македонскиот премиер кажа дека е многу блиску тој да се затвори. За жал некои инсистираат да играат игри“, изјави владин претставник замолен да го коментира соопштението на македонското МНР.

„То вима“ кој ја пренесува изјавата на владиниот претставник го пренесува интегрално и соопштението на македонското МНР објавено попладнево во кое се истакнува дека „Република Македонија настојува и работи интензивно тоа да се случи ако е можно пред Европскиот совет и подвлекува дека толку важни прашања не треба да се брзаат. Квалитетот на текстот на договорот и потребата да се постигне одржливо решение прифатливо од двете страни е далеку поважно отколку потребата процесот да се финализира во некој рок“, се наведува во соопштението на МНР.

Очигледно е дека пораката од Атина е адресирана до шефот на македонската дипломатија Никола Димитров, кој пак претходно беше во фокусот на некои медиумски информации дека тој во Њујорк ги прекинал преговорите и побарал дополнително време за консултации, нешто што не им се допаднало ниту на Грците, ниту пак на посредникот Метју Нимиц

Весникот заклучува дека во моментов ниту денес, а веројатно ни утре нема да се случи телефонскиот разговор Ципрас-Заев, а тоа значи дека нема да има ниту потпишување договор во Преспа.

Инаку, „То вима“ пренесува и изјава на словачкиот европарламентарец Едуард Кукан, кој обелоденува дека лидерот на Нова демократија Киријакос Мицотакис пред своите колеги во ЕПП рекол дека нема да игра многу тврдо за името доколку се постигне договор.

Стана навика кај Мицотакис кога се во прашање преговорите за името тој да се однесува како Доктор Џејк кога е во странство и како Хајд кога е дома, пишува весникот.