Со свечено отворање, утрово во Атина почнува Дејвис купот, а тениската репрезентација на Македонија ќе го одигра првиот натпревар против Естонија, јави МИА од Атина.

На вчерашната ждрепка, во Tретата европска лига нашата земја беше извлечена во Групата Б заедно со Естонија, Латвија и Црна Гора, додека пак во првата група, Група А се Луксембург, Полска, Монако и Грција.

За Северна Македонија настапуваат Горазд Србљак, Димитар Грабул, Лука Љубен Андонов, Берг Бугариќ, Чедомир Јовановски е селектор, а Владимир Томиќ асистент тренер.

Дописничката на МИА од Атина, вчера ја посети нашата репрезентација за време на тренингот во Тенискиот клуб „Татои”, каде што ќе се одиграат натпреварите. Прв противник ни е Естонија, репрезентацијата која што беше носител на групата и има најдобар ранг во групата.

Селекторот, кусо откако ги дознавме противниците, за МИА рече дека очекувањата се исти како и претходно, односно да останеме во третата лига.

– Ждрепката беше наклонета, шансите малку ни се зголемија, имаме шанси да опстанеме, па сега ќе видиме од ден во ден како ќе оди со настапите, рече селекторот на репрезентацијата, Чедомир Јовановски.

Тој додаде дека во нашата група, Естонија е најтешкиот противник, а според рангирањето Македонија е четврта во групата.

Нашите тенисери се задоволни од жрепката, иако истакнуваат дека ги очекуваат тешки натпревари.

– Се надевавме дека ќе не послужи среќата и ќе ја извлечеме баш таа група, но тука не завршува ништо, напротив почнува нашиот пат и сметам дека со добра игра, пред се ќе избориме опстанок во оваа група, а после тоа веќе четврток, петок, сабота, се надеваме и на добри мечеви и качување во погорната група, рече Горазд Србљак.

– Иако ждрепката можеби е оптимистичка, ги избегнавме сите силни држави, сепак треба да сме приземни да одиме ден по ден. Другите репрезентации се подобро рангирани, имаат добри играчи, така да, ден по ден ќе ја бараме шансата. Утре против Естонија, рече Димитар Грабул за МИА.

Дејвис купот што од денес до 14 септември ќе се одржи во Атина, предизвика особен интерес во Грција со оглед на тоа дека за прв пат, дел од грчката репрезентација е тенисерот број 7 во светот, Стефанос Циципас.