Со пристигнувањето на првиот авион на „Нордика“ ноќеска на охридскиот аеродром стартуваше сезонската директна авионска линија од Талин, со естонски гости кои организирано ќе летуваат на Охридско-струшката ривиера.

Според предвидената динамика, се до 15 септември секоја сабота ќе оперира авион на „Нордика“ на релација Талин – Охрид – Талин.

– Среќни сме и со задоволство ја пречекуваме најавената нова линија на естонската „Нордика“ на аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид. Талин како петта нова дестинација воведена на охридскиот аеродром годинава ќе донесе многу бенефиции не само за аеродромот, туку и за целиот туристички сектор во Охрид и воопшто во нашата држава. Благодарение на Маркетинг-одделот на „ТАВ Аеродроми“, очекуваме повеќе од 2.500 патници од главниот град на Естонија да го посетат бисерот на Македонија, Охрид и Охридското Езеро, да го збогатат нивното патувачко искуство и да раскажуваат за природните убавини и за гостопримството на Македонија и на Македонците, изјави Алпер Ерсој, генерален директор на „ТАВ Македонија“.

Билетите за летот Талин – Охрид – Талин се во продажба од септември минатата година, по цена од 99.90 евра. „Нордика“ го промовира Охрид меѓу Естонците како најпопуларна дестинација за одмор во Македонија, како убав и романтичен град, со богата архитектура, со прекрасни пејзажи, притоа потсетувајќи ги нивните патници дека Охрид е еден од најстарите градови во Европа, и е на Листата на светско наследство на УНЕСКО.

– Ова е значаен ден за „Нордика“ бидејќи го отвора првиот директен лет меѓу Естонија и Македонија. Охрид е многу значаен за нас, од повеќе причини: Охрид е нашата најјужна дестинација, првата летна сезонска авио-линија која не е блиску до море и воопшто првата рута во Македонија. Имаме големи надежи за оваа линија и се надеваме дека ќе донесеме многу Естонци во Македонија, а во исто време би сакал да ги поканам и сите Македонци да уживаат во естонското гостопримство, изјави Свен Кукемелк, извршен директор за бизнис-развој на „Нордика“.

Според претставниците на „Нордика“, линиите за летната сезона на авиокомпанијата се многу популарни и за време на минатата летна сезона авиокомпанијата опслужила преку дваесет илјади на сезонските летови до Сплит, Риека и Одеса. Естонскиот национален авиопревозник Нордика нуди голем број директни летови од Талин до различни европски дестинации, а во соработка со партнерски авиокомпании нуди летови за конекции до преку 140 дестинации во светот.

Годинешната летна туристичка сезона на Охридско-струшката ривиера беше отворена на 15 април со првиот лет од Истанбул. Во мај почнаа да оперираат и авионите од Ајндховен, како и чартер летовите што веќе собраќат од  Амстердам, Брисел, Тел Авив и Катовице, а тука се и трите редовни авионски линии до Базел, Цирих и Лондон,

Во првите пет месеци од 2018 година преку двата аеродрома во Македонија патувале вкупно 822.678 патници, со пораст од 20 проценти на годишно ниво. Вкупно се реализирани  7.196 летови што исто така е зголемување од 17 отсто на годишно ниво.