Четири лица загинаа кога мал спортски авион се урна вчера попладне во Лунгау во централна Австрија, соопшти денеска австриската полиција, додавајќи дека авионот летал од Загреб за Салцбург, пренесува АПА.

Авионот Cirrus SR-20 полетал од главниот град на Хрватска нешто пред 14 часот, а дестинацијата на аеродромот бил Салцбург. Околу 15:45 часот авионот се урна во шума на непрооден терен на Пасеген – планински гребен во општина Санкт-Андре-им-Лунгау.

Службите за итни случаи успеале да стигнат до остатоците од авионот кога патниците веќе биле мртви. Според полицијата, жртвите се уште не се идентификувани.

Не е позната ниту причината за несреќата. Државната канцеларија на криминалистичката полиција во Салцбург ја презеде истрагата и повика експерт за воздушни несреќи. Државниот правобранител наредил запленување на остатоците од авионот и обдукција, јави АПА.

Според „Кроненцајтунг“, очевидец го слушнал ударот и ги алармирал спасувачките служби. Како што пренесува „ОРФ Салцбург“, времето во Лунгау во моментот на несреќата се сметало за тешко за визуелни летови – поради делумно густата облачност и турбуленциите на ветерот. Дополнително, се наведува дека авионот стандардно бил опремен со падобран за итни случаи, кој се активира со помош на експлозивно полнење. Сепак, системот за спасување очигледно не бил активиран, пренесува АПА.