Директорот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги Зоран Трајчевски во првите шест месеци од годинава направил трошоци во вкупен износ од 223.525 денари или околу 4.000 евра.

Тој во периодот од 1 јануари до 30 јуни годинава за патувања во странство потрошил 151.025 денари, од кои за авионски билети 90.016 денари, а за хотелско сместување 61.009 денари.

Трајчевски како директор на АВМУ, во истиот период, за репрезентација во Република Македонија потрошил 55.630 денари од кои за угостителски услуги со претставници на регионални регулаторни тела за медиуми 24.790, а за други угостителски услуги 30.840 денари. За службен мобилен телефон поарчил 16.872 денари.

Ова се податоци од извештајот на Агенцијата за трошоците на нејзиниот директор, кои се објавени на веб-страницата на АВМУ.