Бизнисменот Зоран Азманов кој два часа даваше исказ во Обвинителството за гонење на организиран криминал рече дека дал дополнение на исказот и дека „многу работи се поврзани со „Инсајдер“ медиумски проект на 1ТВ, од кој беше емитувана само една емисија – онаа за Зоран Азманов.

Азманов кажа дека Боки 13-ка се обидел да ја искористи моќта на медиумот, да уценува и изнудува пари.

„Најавата на таа емисија беше безобразна, без да ти дадат право да кажеш ни еден збор во одбрана. Во телефонски разговор (со Боки 13) го прашав од каде имаш ти право да правиш таква емисија и од каде имаш сознанија дека јас сум градежната мафија, а немам ниту еден бизнис со државата, тој ми рече да не се секирам затоа што имал информации од Финансовата полиција и од СЈО, ги имал сите документи и немал потреба ништо да истражува“ рече Азманов по распитот во Обвинителството за организиран криминал и корупција каде даваше исказ за случајот „Рекет“ кој го пријави Орце Камчев.

Азманов не сакаше да каже други детали.

Во периодот кога се емитуваше Инсајдер, Азманов поднесе кривична пријава против Боки 13 за барање на рекет од 50 000 евра.

Азманов тогаш изјави дека Боки 13 му рекол дека „целата работа може да се среди за 50.000 евра или стан“.