Американскиот претседател Џо Бајден денеска покрена план за борба против биолошките закани и подготовка за следната пандемија, откако пандемијата на коронавирусот однесе повеќе од милион животи во САД.

Националната стратегија за одбрана од биолошко оружје, објавена од Белата куќа, наведува дека САД мора да се осврнат на „случајно ослободување биолошки агенси и закани од терористичките групи или противници кои сакаат да користат биолошко оружје“.

Меморандумот потпишан од Бајден предвидува воспоставување структура што ќе ги координира владините агенции под надзор на Белата куќа за одбрана од напади со биолошко оружје.

Тој ја насочува американската разузнавачка заедница да ги следи заканите и да обезбеди дека Соединетите држави „континуирано се прилагодуваат кон околностите“ преку одржување годишни вежби, изјави високопоставен претставник на администрацијата опишувајќи го планот.

Планот го повикува Конгресот да го одобри барањето за 88 милијарди долари, предвидени за наредните пет години наменети за опрема за справување со пандемија и одбрана од напади со биолошко оружје.

„Целта е да се спречат епидемии и биолошки инциденти пред да се случат, без разлика дали се случуваат природно, намерно или случајно“, рече претставникот.