Американскиот претседател Џо Бајден со говор ќе ја одбележи годишнината од нападот на Капитол Хил извршен на 6 јануари 2021 од страна на поддржувачите на поранешниот шеф на државата Доналд Трамп, предупредувајќи на заканите за демократијата.

Трамп ја откажа прес-конференцијата најавена за утре, повторно напаѓајќи ги демократите и медиумите.

Белата куќа соопшти дека Бајден ќе ги отфрли лажните тврдења на Трамп, прифатени од многу негови поддржувачи, дека изборниот пораз е резултат на општа измама, како и обидите да се минимизира насилството од најлошиот напад врз Конгресот по војната во 1812 година.

– Претседателот ќе ја каже вистината за она што се случи, а не лагите што некои ги шират оттогаш, и ќе зборува за опасноста што тоа ја претставува за владеењето на правото и нашиот систем на демократско управување, изјави портпаролката на Белата куќа, Џен Псаки.

Бајден и потпретседателката Камала Харис ќе зборуваат утре во Капитол Хил, една година откако илјадници поддржувачи на Трамп упаднаа во зградата обидувајќи се да го спречат верификувањето на изборните резултати.Трамп вчера ја откажа прес-конференцијата на неговиот имот Мар-а-Лаго на Флорида, која ја најави за 6 јануари, велејќи дека планира да зборува многу за тие теми на собирот во Аризона на 15 јануари.

Не е јасно зошто Трамп ја откажа прес-конференцијата. Во изјавата тој ги обвини медиумите и Претставничкиот дом за, како што рече, „пристрасност и нечесност“ во истрагата за настаните од 6 јануари.

Поранешниот американски претседател сè уште се обидува да го спречи објавувањето на документите од Белата куќа, кои комисијата на Претставничкиот дом ги бара поради истрага на нападот.

Трамп, некои републиканци и десничарски медиуми објавија лажен приказ на настаните со цел да се намали сериозноста на нападот, нарекувајќи го ненасилен протест или обвинувајќи ги л евичарските активисти.

Четири лица загинаа за време на нападот, а еден полицаец кој се наоѓаше во зградата на Капитол Хил почина еден ден подоцна. Во нападот кој траеше неколку часа беа повредени десетици полицајци, а четворица полицајци подоцна си го одзедоа животот.