Американскиот претседател Џо Бајден изјави дека најверојатно ќе разговара со својот руски и украински колега во обид да ги смири тензиите меѓу двете земји, во време кога Русија е обвинета за акумулација на сили на нивната заедничка граница.

На прашањето на новинарите дали ќе разговара со претседателите на Русија и Украина, Владимир Путин и Володимир Зеленски, американскиот претседател одговори „многу веројатно“ и додаде дека е „загрижен“.

Бајден, кој се наоѓа во Нантакет, во сојузната држава Масачусетс, ја повтори својата поддршка за „територијалниот интегритет“ на Украина.

Претходно Белата куќа повика на континуирани дипломатски напори за смирување на тензиите меѓу Русија и Украина.

Советникот за национална безбедност на Бајден, Џејк Саливан, разговараше со украинскиот колега Андриј Јермак и двајцата се согласиле дека сите страни треба да продолжат со дипломатските напори за смирување на тензиите, изјави неименуван портпарол.

Во последните неколку недели, САД, НАТО и Европската унија постојано изразуваат загриженост поради движењето на руските сили на украинската граница, пред се загрижени од можната инвазија на земјата.