Известувачот за Западен Балкан во германскиот парламент Петер Бајер предупреди дека европската перспектива на Србија и Косово ќе биде ставена ад акта, доколку на утрешниот состанок во Берлин не покажат сериозна подготвеност за напредок во процесот на нормализација.

-Овдека не се работи за некои конкретни планови со поставени услови, туку за информативна и отворена размена на мислења за регионалните теми. Покрај тоа, ние можеме да се надеваме дека Србија и Косово, средбата ќе ја искористат на конструктивен начин и ќе разговараат за процесот на нормализација. Бидејќи, ако и понатаму не постои сериозна волја за напредок, перспективата на ЕУ за двете земји ќе биде ставена ад акта, изјави Бајер.

Тој изрази надеж дека состанокот во Берлин ќе биде фокусиран на изворната содржина и рамките на дијалогот меѓу Белград и Приштина, додавајќи дека станува збор за информативен состанок и размена на мислења.

Германскиот фунционер додаде дека за предложената размена на територии повеќе не се зборува, наведувајќи дека промена на границите по етнички линии може да предизвика верижна реакција и таквиот предлог треба да се отфрли.

Германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон утре во Берлин организираат состанок со лидерите на земјите од Западен Балкан и Европската комисија, на која се поканети и претседателите на Србија и Косово, Александар Вучиќ и Хашим Тачи.