Разговорите меѓу делегациите на Белград и Приштина, предводени од претседателот на Србија Александар Вучиќ и премиерот на Косово Авдулах Хоти, продолжуваат денеска во Вашингтон, со учество на претставниците на Белата куќа Ричард Гренел и Роберт О’Брајан.

Според Гласот на Америка, Белата куќа во четврток навечер, по локално време во Вашингтон, објави дека американскиот претседател Доналд Трамп денеска во Овалната соба ќе се сретне со двајцата државници Вучиќ и Хоти, ќе присуствува на церемонијата на потпишување и ќе учествува во трилатералната средба.

Во соопштението од Белата куќа не се наведува за каков документ станува збор и што содржи евентуален договор.

По средбата во Белата куќа, и Вучиќ и Хоти ќе имаат одделни средби со американскиот државен секретар Мајк Помпео во Стејт департментот.

По вчерашните разговори, Вучиќ изјави дека нема да се расправа за взаемно признавање, додека Хоти рече дека нема да има други теми, освен признавањето.

Инаку, на вчерашната, попладневна рунда разговори, на американските претставници се придружила и ќерката на американскиот претседател – Иванка Трамп, која вообичаено е присутна на сите важни дипломатски средби.