Бугарското село Бело Поле, кое се наоѓа на 5 км од Благоевград (Горна Џумаја), има 650 жители и 10.000 гласачи регистрирани на последните избори во Бугарија, пишува весникот 24 Часа.

Овој „феномен“ се должи на огромниот број македонски граѓани со бугарски пасош и државјанства кои се регистрирани со адреса на живеење во село Бело Поле.

Според бугарскиот весник 24 Часа произлегува дека ова село во Пиринска Македонија има повеќе регистрирани македонски државјани отколку на пример општината Македонска Каменица, но и други градчиња во Македонија. Според последниот попис од 2002 година Македонска Каменица има 8.110 жители.

– Во Благоевград сум сигурен дека има над 30.000 регистрирани Македонци. Во село Бело Поле тие сигурно се над 9.000, а по неколку илјади има и во селата Логодаш, Рилци, Лешко, Покровник и во неколку други села, вели за порталот Поглед, Делчо Гошев од Делчево, кој 16 години посредувал кај Македонци за бугарски пасош и државјанство.

Тој додава дека „иселувањето нема да престане во блиска иднина, напротив, се поголем број Македонци ќе земаат бугарско државјанство“.

– Јас во тоа не гледам ништо лошо, бидејќи благодет е да се поседува и друго државјанство, особено бугарското, бидејќи со нив сме како браќа и тие се единствените кои во секој момент може да ни помогнат, вели Гошев.

Тој за Поглед објаснува дека покрај младите до 30 годишна возраст, бугарски пасош земаат и постари луѓе со намера да заминат во странство за да работат.