Екипата на Леванте и го нанесе првиот пораз на Барселона во сезоната 2017/2018 и ставија крај на серијата без пораз која траеше цели 43 натпревари во Ла Лига.

Во меч без резултатско значење во кој не учествуваше најдобриот играч на каталонците Лионел Меси, тимот од Валенсија со „хет-трик“ на Емануел Боатенг и два гола на македонскиот репрезентаивец Енис Барди забележа победа од 5:4 на домашен терен во претпоследното коло на шпанскиот шампионат.

Барди се запиша во листата на стрелците во второто полувреме при 3:1 во 46-та минута и при 5:1 десет минути подоцна. „Хет-трикот“ на Кутињо и голот од пенал на Суарез на 20 минути пред крајот не беа доволни за да може шампионот на Примера да извлече нешто од натпреварот.

По мечот, македонскиот репрезентативец изјави дека негов сон бил да и даде гол на Барселона.

– Секого можеме да победиме и тоа вечерва го покажавме. Одигравме со голема самодоверба. Среќен сум за головите. Сонував да постигнам гол против Барселона и да му помогнам на тимот. Треба и наредната сезона да продолжиме со вакви игри, изјави Барди по новиот одличен меч во дресот на Леванте.

Македонскиот репрезентативец веќе има девет гола на своја сметка во сезоната, која завршуа следниот викенд.