Димитар Грумар
Производот на шарената револуција, СЈО, денеска и официјално е прогласен дека смрди од главата, расипан е и не е за употреба. Советот на јавни обвинители, по две заседанија, денеска одлучи главата на СЈО да биде исчистена.
А како што е познато главата на СЈО сега е во Шутка…
И денес, од историска дистанца од неколку години полесно е од било кога на децата да им се објаснат боите за подобро да разликуваат што е жолто и црвено, а што е шарено. Тоа е можеби единствената придобивка од долгата политичка криза во Македонија. Таа ја олесни работата убаво да се разјасни што е љубов кон пари, а што родољубие. Но, не само кај децата туку и кај многу пораснати.
И во живо да го видат она што го читале во историските читанки за предавници и родољуби или го слушале од народните песни инспирирани со таков мотив.
Во период од само неколку години ги гледаме токму тие два контрасти, доволно силно изразени, за да бидат лекции на сите. Две политички манифестации кои се случуваа на ист простор, а толку различни и по формата и по суштината. Две револуции – шарената и црвено жолтата. Едната за понижена, а другата за достоинствена Македонија. За контрастот меѓу двата настани што ја потресоа земјата доволно е да се погледнат само фактите за едните и за другите, за шарените и за родољубите.
Неколку месеци низ главниот град и низ цела Македонија маршираа стотици илјади граѓани, маса народ, кој во Скопје минуваше од Владата до Собранието, а низ останатите градови според маршрути што ги одредиле организаторите. И ниту едно стакло не беше скршено ниту во Скопје, ниту во другите градови. Обезбедувањето од полицијата речиси и не беше потребно на ниеден објект, освен за заштита од провокатори и тие што сакаа и жолто-црвеното да заличи шарено. Не беше оштетена ниту една фасада, ниту еден објект, ниту еден споменик… А масата народ поминуваше таму каде што претходно минуваа далеку помалубројните шарени револуционери.
Шарената револуција, се одвиваше главно во Скопје и само уште во неколку градови и беше со неспоредливо помал број учесници. Многу помалку отколку црвено-жолта револуција за заедничка Македонија. Но, и покрај тоа шарените оставија длабоки траги врз објекти и им отворија бизнис на стаклари, на продавачи на боја и на странски фирми за организирање шарени револуции. Шарените ги следеа неспоредливо повеќе полицајци и специјалци, а многу од нив настрадаа од бекатонот, контејнерите, камењата и факелите што ги исфрлаа шарените раце при маршрутата која ја минуваа, а почнуваше од пред нивниот храм свети СЈО.
Оружјето на граѓаните, кои протестираа за заедничка и унитарна Македонија, против тиранска и секакви странски платформи, беа симболите на татковината. Оружјето, пак, на шарените беа комбиња, канти, тенгала и други реквизити за валкање на лицето на Македонија.
Бројот на градови низ Македонија каде што секојдневно маршираа граѓани за унитарна Македонија е неспоредливо поголем со бројот на градови во кои шарените бригади фрлаа боја врз Македонија и пепел во очите на Македонците дека се борат против криминал и за правда. Неспоредливо е поголем и бројот на бригадите кои се за достоинствена Македонија наспроти бригадите кои беа за ишарана Македонија.
На „бојното поле“ низ Скопје и во останатите градови на Македонија ниту еднаш не стигна брза помош да превезе повредени полицајци. Од другата страна, на „бојното поле“ на шарените, паѓаа не само презервативи полни со боја, искршени стакла, унакажани фасади… туку и камења и бекатон врз човечки глави. И често се слушаа сирени на брза помош на „боиштето“ од каде што се превезуваа в болница повредени чувари на редот и мирот во земјата.
Во офанзивите на шарените освен што „паднаа“ многу објекти, падна и човечка крв. За среќа без жртви. Но, кога бекатонот лета врз нечија глава, не е упатен со добра мисла само да го гребне „непријателот“ за кого е наменет.
И додека за шарените беше императив кој ќе го фрли презервативот со боја подалеку или каменот посилно во стаклото, императивот на родољубите беше се да биде мирно и достоинствено. Зад нив немаше потреба да дежураат ни пожарникарите кои во шарената револуција беа принудени да го гасат пламенот од факелите врз канцеларијата на претседателот на државата во центарот на Скопје. Родољубите покажаа дека протест и револт може да се покаже и со ставање на државните симболи таму каде што шарените ставаа кибрит. Ним им кажува срцето што и каде да стават, а на шарените инструктори им кажуваа кога и каде „жвиждаљке у уста“!
Тоа е само мал исечок од двете слики во Македонија. Може да се набројуваат уште безброј контрасти за двете манифестации. Разликата е очигледна и за тие со најголем соросовски диоптер. Тие може да зборуваат до бесвест дека стотици илјади заведени граѓани го бранат „криминалот на режимот“, но ни тие не си веруваат во тоа што говорат. Толку е проѕирно. Толку е очигледна љубовта кон татковината, кога кај едни чука срце, а кај други соросови пари во џебот.
И денес го имаме производот од шарената револуција, професорските и студентски пленуми, востанието против „режимот“… Кои завршија со Рекет, сменето име на државата, заглавен часовник на Зоран Заев кој покажува колку украдени пари „ни вратиле“ и… За жал, многу родољуби, како политички затвореници, лежат во затворите. Однесени таму од „производот на шарената револуција“, кој денеска и официјално е прогласен за расипан.