Крајно десничарскиот министер за национална безбедност на Израел, Итамар Бен-Гвир, дојде во комплексот на џамијата Ал Акса во Источен Ерусалим, изјавувајќи дека светото место и припаѓа „само на државата Израел“.
Во неговата прва посета на светото место во Ерусалим од 7 октомври, Бен Гвир од планината на храмот изјави дека „дипломатското признавање на палестинската држава е еднакво на наградување на Хамас“.
Опкружен со полиција, Бен Гвир во видео порака вели дека „во нивниот потег да ја признаат Палестина, Норвешка, Шпанија и Ирска ги наградуваат Нукба, убијците и насилниците“.
Припадниците на елитните сили Нукба на Хамас го предводеа нападот на 7 октомври врз јужен Израел, при што беа убиени 1.200 луѓе, а 252 беа земени како заложници.
Осврнувајќи се на видео снимка од неколку заложнички што треба да биде објавен вечерва, Бен Гвир вели дека „вечерва ќе добиеме дополнителни докази зошто Хамас мора целосно да биде уништен“, јави Тајмс оф Израел.
– За да го уништиме Хамас, треба да одиме во Рафа до крај, да ги искорениме, вели тој, повикувајќи да прекине доставата на гориво за Газа и да се ограничи хуманитарната помош.
Планината на храмот во стариот град на Ерусалим е најсветото место во јудаизмот. Познато кај муслиманите како Харам ал-Шариф или Благородничко светилиште, во комплексот на врвот на ридот е џамијата Ал-Акса, третото најсвето место во исламот.
Фото: Скриншот