Врховниот суд на Република Македонија, односно Советот за одлучување по жалби одбил шест жалби поднесени од судиите кој од почетокот на годината беа разрешени од Судскиот совет.

Претседателката на Врховен суд, Беса Адеми, во интервју за МИА, вели дека Советот за одлучување по жалби, на чии состаноци таа не учествува, од почетокот на годината постапувал по вкупно седум предмети, од кои за шест веќе има донесено одлуки.

Од претседателката на највисокиот суд меѓудругото побаравме одговор дали ќе ги имаат предвид евентуалните последици со неодамнешното разрешување од Судскиот совет на судија во Основниот кривичен суд – Скопје, со оглед на тоа што со неговото разрешување неколку предмети од поранешното СЈО се враќаат на почеток.

Неодамна од Судскиот совет беше разрешен судијата Горан Бошевски, од Кривичен, а кој го води предметот „Траекторија” и членува во судечкиот совет во предметите „Талир 1″ и „Шпански скали“. Сите судења каде судија е Бошевски или е дел од судечкиот совет се одложени до назначување на нов судија, информираа вчера од Основниот кривичен суд.

Таа во интервјуто исто така зборува и за имиџот на највисокиот суд во државата, кој во изминатите години беше во центарот на вниманието по однос на распоредот на судии и за функционирањето на АКМИС-системот.

Претседателката Адеми, воедно одговара и на прашање за транспарентноста, за барањата за вонредно преиспитување на правосилни пресуди за кој адвокатите имаат забелешки дека траат предолого и за Методологија за прочистување на правосудството за која вели дека и пречи користењето терминот – прочиствување на судството.

Речиси сите домашни и меѓународни извештаи во однос на состојбата на правосудството посочуваат дека е неопходно реформа на судството во државата. Во однос на ова Министерството за правда лани ја подготви Методологијата за прочистување на правосудството. Истата беше усвоена и од Судскиот совет. Моментално овој документ е во Врховниот суд кој треба да даде свое мислење. Дали имате забелешки за Методологијата за прочистување на правосудство и кога истата ќе биде вратена до Судскиот совет?

-Во поглед на меѓународните извештаи за состојбата во судството и посочувањето за неопходна реформа можам да кажам дека во извештаите има констатации за постигнат напредок во спроведување на реформските чекори, но секако се согласувам дека има и области каде состојбите треба да се подобруваат, посебно во делот на јакнење на независноста, самостојноста, со цел да обезбедиме високо професионално, чесно, непристрасно и ефикасно судење.

Во однос на вториот дел од прашањето за подготвена Методологија за прочиствување на судството од страна на Министерството за правда, морам да Ве разочарам бидејќи немам чуено за постоење на таква Методологија и морам да признам дека ми пречи користењето на тој термин – прочиствување на судството. Сметам дека судството има доволно сили и механизми во рамките на постоечките надлежни институции, (како што се Судскиот совет, Државната комисија за спречување на корупција, Управата за јавни приходи и слично), да ја спроведе потребната проверка на судиите, а критериумите за проверка на судиите треба да се засноваат на веќе воспоставените професионални и етички стандарди, морален интегритет, компентентност, професионалност, независнот и непристрасност.

Но, од друга страна доколку мислите за Методологијата за сложеност на предметите и Методологијата за оценување на судиите и претседателите на судовите, Општата седница на Врховниот суд со мали забелешки даде позитивното мислење во исполнување на делот на обврските и активностите посочени во извештајот за приближување на земјата кон европската интеграција.

Имиџот на Врховниот суд со години е нарушен. Поранешен претседател и двајца други судии од Врховен суд беа разрешени за несовесно работење, односно поради тоа што дозволија јавен обвинител да се меша во нивната работа. Забелешки имаше и во однос на АКМИС-от и распоредот на судии во Врховен суд (2017 година). Што преземате Вие како нов претседател за враќање на довербата на граѓаните во судство и дали има нов распоред на судии во Врховен суд?

-Точно е дека еден поранешен претседател и тројца други судии од Врховниот суд беа разрешени, навистина не е пријатно да се слушне овој факт. Работата на судиите како претставници на една од трите власти, не се следи само од страна на Судскиот совет, туку нивната работа е под постојан мориторинг од страна на најшироката јавност како што вели познатата максима – „судијата тој/таа суди додека јавноста му суди“. Затоа во вршењето на судиската функција исправени сме пред предизвикот да работиме на враќање изголемување на довербата и степенот на позитивна перцепција кај гаѓаните кон судството.

Во поглед на распоредот за работа на судиите во ВСРСМ за 2021 година, истиот е донесен од страна на мојот претходник в.д. претседателот на Судот, а во мојот мандат само е направена една измена и дополнување на распоредот.

Барањата за преиспитување на правосилните одлуки, односно ревизија на предмети според голем број адвокати траат меѓу 3 и 4 години. Во овој период има случаи според адвокатите каде обвинетите ја одлежуваат казната затвор. Актуелно по колку вакви барање постапувате и дали разгледувањето на овие барања трае долго?

-По однос на состојбата со предмети по поднесени барања за вонредно преиспитување на правосилни пресуди во Врховниот суд во Одделот за казниви дела од 2017 година има само еден незавршен предмет, но тоа се должи на фактот што предметот повеќе пати административно е баран и враќан во пониските судови. Судијата кој постапувал меѓувремено е разрешен, а наредниот судија кој согласно автоматската распределба го наследил предметот како судија известител е изземен поради исполнување на законските основи, по што предметот сеуште е во работа. Во Одделот за казниви дела нема други нерешени предмети од 2018 и 2019 година, а од 2020 година има само 5 нерешени предмети.

Во однос на транспарентноста на судот, имате ли план како ќе ги подобрите односите со јавноста, редовното ажурирање на информациите на сајтот на судот, достапноста на податоците од интерес на јавноста и сл.

-Доколку ја проверите веб страната на Врховниот суд ќе можете да се уверите и да констатирате дека веб страната на Судот редовно се ажурира и дека истата е збогатена во делот на објавните соопштенија за активностите и работата на Врховниот суд на Република Северна Македонија.

За период од 4 месеци од мојот избор за претседател на Врховниот суд и преземањето на одговорната претседателска функција навистина е сработено многу, донесени се и усвоени повеќе Начелни правни мислења, Начелен став, правни мислења и сентенци, кои се објавени на веб страната на судот.

Остануваме посветени на подобрување на транспарентното  работење на судот, како и посветени на напорите за имплементација на новите законски решенија во кои се инкорпорираниосновните вредности на Европската Унија во обезбедување на независен, квалитетен и ефикасен судски систем во кој фундаметалните права ќе се почитуваат во закон и во практика.

Судскиот совет од почетокот на година до сега има разрешено неколку судии од различни инстанци на судовите во државата. Дел од нив до Врховниот суд имаат поднесено жалби против одлуките на Републичкиот судски совет. Колку од овие жалби се разгледани и кои се одлуките на Советот за одлучување по жалби?

-Од почетокот на годината, против одлуки на Судскиот совет на РС Македонија за разрешување од вршење на судиска функција,  Врховниот суд на РС Македонија одлучувал по седум жалби поднесени од страна на: Мустафа Шахини, судија на Управен суд (жалбата е одбиена), Весна Кичеец, судија на Основен суд Охрид (жалбата е одбиена), Татјана Михајлова, судија на Основниот кривичен суд Скопје (жалбата е одбиена), Виолета Дума, судија на Апелациониот суд Скопје, сега во пензија (жалбата е одбиена), Лидија Неделкова, судија на Врховниот суд на РС Македонија (жалбата е одбиена), Софија Лаличиќ, судија на Основниот кривичен суд Скопје (жалбата е одбиена). Покрај горенаведените, во тек е постапка за уште еден судија.

На последната седница Судски совет разреши судија од Кривичниот суд Скопје, кој постапува по неколку предмети од поранешното СЈО, односно со негово разрешување главните расправи за овие предмети почнуваат од почеток. Во случај за истата да биде поднесена жалба до Врховниот суд дали ќе ги имате предвид последиците што се предизвикуваат од ова разрешување?

-Доколку биде поднесена жалба од страна на разрешениот судија, Ве известуваме дека согласно чл.72 ст.2 од Законот за Судскиот совет на РС Македонија (Сл. весник на РСМ бр.102/19) се формира Совет кој ќе одлучува по жалбата, кој совет е составен од девет члена, од кои тројца судии на Врховниот суд на РС Македонија, по еден од апелационите судови и двајца судии од судот од кој е судијата против кој е водена постапката. Членовите се бираат јавно по систем на ждрепка на Oпшта седница на Врховен суд на РС Македонија, односно седница на сите судии на односниот суд.

Претседателот на Врховниот суд на Република Македонија не учестува во работењето на овие совети.

Омер Џафери за МИА