Далај Лама се извини за контроверзните коментари за евентуален женски наследник, јави Би-Би-Си.

Имено, минатиот месец тибетскиот лидер во интервјуто за Би-Би-Си рече дека секоја идна женска Далај Лама треба да биде „привлечна”.

-Ако наследникот на Далај Лама е жена, тогаш таа мора да биде привлечна, инаку луѓето нема да сакаат да го гледаат нејзиното лице, изјави Далај Лама за Би-Би-Си.

Откако новинарката на Би-Би-Си го праша дали не важно каков човек е некој, тој одговори дека се важни и двете, и карактерот и изгледот.

Официјални претставници на Далај Лама набрзо се извинија за неговата изјава, сугерирајќи дека само се шегувал.

-Многу му е жал што повредил многу со неговата изјава. Тој искрено се извинува, се вели во соопштението.

Далај Лама „ја разбира контрадикторноста меѓу материјалистичкиот, глобализираниот свет со кој се соочува за време на своите патувања и комплексните идеи за реинкарнацијата, која се наоѓа во срцето на тибетската будистичка традиција”, се вели во соопштението.

-Но понекогаш се случува некоја забелешка што може да звучи хумористично во културен контекст, да звучи навредливо во друг. Навистина му е жал ако некого навредил, се вели во соопштението, додавајќи дека во текот на целиот негов живот, Далај Лама се спротивставувал на објективизацијата на жените и ја поддржа родовата еднаквост.