Од увозник на електрична енергија земјава преку зелената енергетска транзиција, поттикната од енергетската криза која придонесе за зголемување на инсталираниот капацитет за повеќе од 30 проценти во изминативе години, полека но сигурно се движи во насока да стане извозник, вели во разговор за МИА претседателот на РКЕ Марко Бислимоски.

-Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) од 1 јануари 2022 година до сега има издадено преку 600 лиценци за производство на електрична енергија од кои 99 отсто се за фотоволтаици со што новоинсталираниот капацитет изнесува 420 мегавати, а до крајот на годинава се очекува да достигне до 600 мегавати,  информира Бислимоски.

Новоинсталираните 420 мегавати, како што вели, се еквивалент на две термоелектрани Неготино. Институциите во државата со тоа покажале дека се способни да овозможат изградба на нови 600 мегавати производни капацитети за само две години. Тие 600 мегавати, како што нагласи, значат речиси 600 нови лиценци или дозволи за градби, документи, елаборати, … со што македонските институции – општини, министерства, регулаторот, …  покажале дека се на висината на задачата и успеале успешно да го изменаџираат процесот.

-Се разбира дека производството на електрична енергија од фотоволтаици на годишно ниво е пониско во споредба со некоја термоелектрана, но фотоволтаиците помагаат да се намали увозната зависност на земјава. Во првите седум месеци од годинава увозот на електрична енергија, кој во зависност од година изнесувал од 30 до 40 проценти, е сведен на 14,5 проценти со што се стабилизира и ситуацијата со одлив на средства од државата, порача Бислимоски.

Ќе продолжи трендот на изградба на фотоволтаици, засега не сметаат за балансирање на системот

Претседателот на РКЕ Бислимоски смета дека трендот на изградба на нови фотоволтаици ќе продолжи и понатаму и вели дека засега не сметаат за балансирање на системот.

-Поголемите фотоволтаици кои имаа привремени лиценци сега треба да добијат и конечни лиценци така што до крајот на годинава очекувам да ја надминеме бројката од 550 мегавати и да се доближиме помеѓу 550 и 600 мегавати што е некаде колку трите блока на РЕК Битола, прецизира Бислимоски.

Се додека фотоволтаичните капацитети добиваат решенија за приклучување на мрежата од операторите, нагласи, значи дека не сметаат за балансирање на системот.

-Од аспект на водење на систем фотоволтаиците немаат негативно влијание. Теоретски ниту еден приклучок не е проблематичен и секој производител може да се приклучи само зависи какви ќе бидат трошоците. За овие што се приклучени во мрежа и за оние што наскоро ќе се приклучуваат веќе се издадени енергетски согласности и се направени анализи на мрежа дека не сметаат, истакна Бислимоски.

Потенцира дека еден оператор за да даде решение за приклучување на мрежа, треба прво да направи анализа на својата мрежа и дали приклучувањето ќе има негативно влијание. Прецизира дека голем број на фотоволтаици се направени во области каде нема потрошувачка на електрична енергија поради што вообичаено се враќа назад во пренос на мрежа со што се зголемува влезот на електрична енергија во преносната мрежа. Тоа, како што вели, се работи кои се неминовни и во услови кога има толкав наплив на фотоволтаици тие ќе се појавуваат.

Поради фотоволтаиците центата на електричната енергија е најниска во текот на денот, тоа е причина за воведување евтина дневна тарифа  

-Со новото нормално и со случувањата на берзите на електрична енергија имаме сосема спротивна ситуација од тоа што го имало пред две до три години. Сега цената на електричната енергија во текот на денот во периодот од 10:00 до 17:00, па и до 18:00 часот е најниска и е многу пониска од таа што е во 18:00, 19:00 часот. Сето тоа ни даде за право повторно да ја вратиме дневната евтина тарифа. Со тоа даваме сигнал и до ЕСМ и ЕВН Хоум набавки на електрична енергија да се прават во периодот кога цената на електричната енергија на берзите е најниска, вели Бислимоски.

Нагласува дека РКЕ на дневна основа ја следи ХУПЕКС берзата и македонската берза на електрична енергија и додава дека станува збор за ситуација која нема да се промени.

-Во текот на денот заради фотоволтаиците ќе имаме убедливо најниска цена на електричната енергија со тоа што во летните месеци ќе се приближува до нула, а за викенди ќе оди под нула. Во зимските месеци, пак, повторно ќе биде пониска отколку што е во 18:00 или во 19:00 часот, вели Бислимоски.

Инвеститорите кои изградија фотоволтаици, додава, се свесни дека нивното производство е сконцентрирано во лето некаде околу 70 проценти.

-Затоа во период кога цените се најниски само по себе се наметнува логиката понатаму да инвестираат во батериски системи кои ќе им служат во периодите кога цената на електричната енергија е поевтина да ја складираат и да ја предаваат во периоди кога има повисока цена. На тој начин ќе си го намалат и повратот на нивната  инвестиција и за пократок период ќе си ја исплатат својата инвестиција, а дополнително ќе се подобри нивното пазарно портфолио што можат да го понудат, порачува Бислимоски.

Најави дека во наредниот период ќе има и неколку нови ветерни електрани.

-Сето тоа придонесува за околу две години инсталираниот капацитет во земјава да се зголеми за повеќе од 30 проценти благодарение во најголем дел на приватната инцијатива. Ако имавме некаде околу 2.100 мегавати инсталиран капаците досега, вклучувајќи ги и сте термоелектрани, хидроелектрани и мали хидроелектрани, верувам дека годинава ќе завршиме со околу 2.700 мегавати што е сериозно зголемување на инсталираниот капацитет. Се разбира дека тоа ќе значи и предизвици за понатаму, но мора да го „јавнеме бранот“. Од секогаш сме зборувале што мора да се направи, но приватниот сектор покажа како да се направи, бидејќи беа погодени со исклучително високи цени на електричната енергија поради што голем број од фотоволтаиците се ставени на покривите на нивните објекти и така заштедуваат, рече Бислимоски.

Државата треба да изгради една поголема гасна електрана и хидроцентралата Чебрен за балансирање на системот

На ред е државата која треба да направи една поголема гасна електрана и да го реализира проектот за Чебрен и Галиште, бидејќи тоа ќе ни треба за балансирање на системот. Тоа што може да го направи државата сама или со јавно-приватно партнерство треба да се направи, порачува Бислимоски.

-Треба да се реализираат и најавениот голем фотоволтаик во Штип од околу 400 мегавати, како и најавената  ветерна електрана во Кривопаланечко од 400 мегавати и поголемата когенеративна постројка во Скопје, која е грчка инвестиција, со што Македонија од земја увозник ќе ја направат земја извозник на електрична енергија, вели Бислимоски.

Посочи дека енергетската криза помогнала на површина да излезат сите пропусти кои се правеле во изминатите 30-тина години.

-Македонија и сега во најголем дел се базира на термоелектрани и хидроелектрани направени пред 40 и повеќе години. Државата многу малку инвестирала преку својата енергетска компанија во нови капацитети. За кризата потрошивме 300 или 400 милиони евра за да се сочува социјалниот мир пред се, бидејќи не можеше на домаќинствата да им се каже плаќајте двојно повисока електрична енергија или два до три пати поскапо парно греење. Тие пари се потрошија за да се изгаси „пожарот“, а доколку водевме соодветна стратегија со овие 400 милиони евра во претходните години можело да се направи когенеративна постројка или Чебрен и сега ќе ни вратеше многу пари, потенцира Бислимоски.

Верувам, вели, дека она што го покажа приватниот сектор беше една и единствена добра работа во енергетската кризата која во суштина беше ценовна и финансиска криза и покажа дека енергетиката е многу битна.

-Нема развој на економија  без добра енергетска политика и добра енергетска стратегија кои се прават за да се изградат производни капацитети, да се шири мрежата, да се направи диверзификација на изворите на природен гас, односно државата да биде поинтересна и поконкурентна  кога меѓу другото ќе бара и странски инвестиции, порачува Бислимоски.

Валентин Јанковски

Фото: Дарко Попов и МИА архива