Македонија дефинитивно оди во вистинска насока одбирајќи го патот кон ЕУ, вели вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи.

Во интервју за провладиниот Фронтлајн, Битиќи говори за постигнувањата на Владата во последниот период. Тоа го припишува на ветувањата што како партија СДСМ ги доставиле до граѓаните во предизборната кампања.

– Ветивме зголемување на минималната плата и тоа го испорачавме. А во 2024 година ќе биде поголема и ќе биде 20.000 денари. Просечната плата уште сега е 33.200 денари, една година и половина пред завршувањето на мандатот и порано од ветеното, зголемени пензии за десет проценти за една година и уште 6-7 во наредната година во март, и она што досега не сме го објавиле е дека над 35.000 пензионери ги извлековме од прагот на сиромаштија и добиваат пензии повисоки од 14.000 денари и сето тоа за една година. Е тоа е успех“, вели Битиќи.

Вицепремиерот Битиќи вели дека Владата обезбеди струја и покрај енергетска криза и наспроти сите сомнежи дека ќе нема да можат да испорачаат.

– Осигуравме електрична енергија, осигуравме топлинска енергија за цел град Скопје, не дозволувајќи граѓаните да останат со студени радијатори. И она што е многу важно, им го олеснивме на сите граѓани товарот на скапата струја да не паден врз нив, туку ги субвенционираме. Секој граѓанин во државата, 1.836.000 попишани наши сограѓани добиваат по 6.800 денари за 2022 година или по 21.000 по семејство субвенционирана струја. Некој ќе рече зошто не е по 1.000 евра, затоа што таква е нашата структура толку е нашиот фискален капацитет, потсетува Битиќи.