Вицепремиерот задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи, денеска одржал работен состанок со претставници на Делегацијата на германското стопанство (АХК) во земјава, на кој се зборувало за повеќе теми и прашања поврзани со унапредувањето на деловното работење на германските компании.

На состанокот, како што соопшти владината прес-служба, станало збор за потребата од хармонизација на царинската регулатива со таа на Европската Унија (ЕУ), при што беше оценето дека е од голема важност за понатамошно олеснување на работењето на извозно ориентираните производствени компании.

-Создавањето на инклузивно и динамично деловно опкружување кое ќе води кон одржлив економски раст и развој, бара конзистентно следење, односно усвојување на европските стандарди и регулативи во делот на царинските тарифи. Хармонизацијата со европските царински тарифници во делот на основните суровини кои се употребуваат во производството, може да ослободи додадена вредност во нашата економија, истакнал вицепремиерот Битиќи.

Либерализацијата на пазарот на работна сила, била уште една од темите за која стана збор на работниот состанок со претставниците на дел од германските компании кои имаат инвестирано во земјава, при што вицепремиерот Битиќи посочил дека Владата ја препознава оваа потреба со која се соочуваат како домашните така и странските компании, за што донесе и одлука да ја зголеми квотата на работни дозволи за странци.

-Со цел олеснување  на пристапот на домашните и странските компании во земјава до квалификувана работна сила која ќе може веднаш да се вклучи во производството, Владата на претходната седница донесе одлука за зголемување на квотата на работни дозволи за странци од 5.000 на 7.000 дозволи, информирал вицепремиерот Битиќи, притоа истакнувајќи ја подготвеноста преку дијалог со стопанството да се продолжи во насока на понатамошно олеснување на достапноста на квалификувана работна сила и олеснување на процедурите.

Вицепремиерот Битиќи ја истакнал важноста од водењето отворен и конструктивен дијалог преку работни средби, како оваа што се одржа со АХК, со странските компании кои имаат инвестирано во земјава, затоа што, како што оценил тој, тоа води кон поттикнување на економскиот раст и развој и создавање на можности за достоинствено платени работни места.

Фото: Влада