САД немаат намера да поддржат нормализирање на врските со сирискиот претседател Башар ал Асад, ниту пак негова рехабилитација, се додека не дојде до неповратен напредок кон политичко решение во Сирија, изјави американскиот државен секретар Ентони Блинкен.

Тој на прес-конференција потврди дека приоритетите на Вашингтон во Сирија се насочени кон обезбедување хуманитарна помош, спречување на сите терористички активности што би можеле да бидат насочени кон САД и намалување на насилството.

Во меѓувреме, турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу ги обвини САД и Русија дека не го исполниле ветувањето оти ќе ги спречат курдските вооружени фракции во Сирија да ја нападнат Турција, порачувајќи дека Анкара е принудена да дејствува самостојно за да ги отстрани заканите.

Коментарите на турскиот министер за надворешни работи следуваат неколку дена откако и турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган изјави дека Анкара го губи трпението по серијата напади од Сирија врз неговата земја и предупреди дека е можен нов турски воен напад врз Сирија.