Новиот австриски канцелар Александер Шаленберг, кој во понеделникот положи заклетва, одлучи за прво службено патување да го избере Брисел.

Со оваа посета Шаленберг сака да покаже дека е „уверен Европеец“ и со проевропски став.

Во Брисел, тој ќе се сретне со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, како и со претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел.

До неодамна, Шаленберг беше министер за надворешни работи на Австрија, а од 2000 до 2005 година го водеше правниот оддел во австриската мисија во ЕУ. Тој се смета за искусен дипломат кога станува збор за Унијата.

Новиот австриски канцелар најави дека ќе ја продолжи политиката на својот претходник Себастијан Курц, а тоа значи и рестриктивната политика кон бегалците и мигрантите.