Во текст со наслов „МИЛИОНСКИ ТЕНДЕР” неделникот Фокус открива скандалозни информации за контакти меѓу човек близок на градоначалничката на Скопје Данела Арсовска и турскиот учесник на тендерот за пречистителна станица за главниот град.

„Фокус“ дознава дека блиска роднина на Арсовска, уште пред да „пукне“ скандалот, со Турците преговарала за милионскиот тендер на „Водовод и канализација“, објавува весникот.

Дали блискиот роднина на Арсовска е нејзиниот татко кој од медиумите е споменуван како учесник во бизнис активности или се работи за некој друг нејзин близок роднина, Фокус не открива во електронската најава за печатеното издание на весникот.

Доколку се потврди дека близок роднина на Арсовска преговарал со турската фирма тоа ќе значи прекршување на тендерската постапка која се води од две европски банки кои го финансираат тендерот.

Ако Арсовска знаела за контактите таа ги прекршила строгите правила на тендерот.

Арсовска предходно пред јавноста не даде одговор на прашањето кој е турскиот бизнисмен кој беше споменат на седницата на Советот на град Скопје кога се случи прекинот на соработката меѓу ВМРО-ДПМНЕ и градоначалничката која победи со помош на најголемата македонска партија.