Сигурен сум дека до 2030 година РС Македонија може да стане полноправна членка на ЕУ, изјави премиерот Димитар Ковачевски, кој ја предводи македонската делегација на Генералното собрание на ОН во Њујорк.

– ЕУ и САД се единствените две заедници на држави во кои постојат демократија и право на критичко размислување за секој човек, економски просперитет и социјална правда, рече Ковачевски, одговарајќи на прашања од студентите на Универзитетот Колумбија во САД.

Тој додаде дека унапредувањето на демократијата, правото на критично размислување и економскиот развој се клучните фактори што може да го спречат одлевањето квалитетни кадри од државата.

– Кога ќе направиме држава со демократија, со право на критично размислување и со економски просперитет, со социјална правда, тогаш луѓето ќе почнат да се враќаат во регионот. Во спротивно луѓето ќе си одат од регионот. Бугарија е земја членка на ЕУ, но сепак сè уште имате бугарски професори тука, Романија е членка на ЕУ, Полска е земја членка, ајде да ги видиме бројките на излевањето мозоци таму, не мислам дека се нешто поинакви од С. Македонија, Србија и од Албанија. Исти се, затоа што нивото на економски просперитет сè уште не е достигнато. Ние мора да го достигнеме тоа ниво, рече Ковачевски.

Тој посочи дека правилните политики за унапредување на демократијата, за економски и социјален напредок ги забрзуваат интеграциите во ЕУ.

– Членството во ЕУ е административно многу мачен процес и операција што треба да се спроведе за што ние како држава имаме голем преговарачки тим. Ако сега се оди по предвидувањата што ги имавме кога ја правевме преговарачката рамка, сигурен сум дека до 2030 година С. Македонија може да стане полноправна членка на ЕУ, категоричен е Ковачевски.