Министерството за култура го назначи Боби Ѓошиќ за в.д. директор на Центарот за култура „Антон Панов“ во Струмица, откако на 8 јули годинава Управниот суд го поништи огласот за избор на директор од декември лани.

Веста за МИА ја потврдија од Центарот за култура. Ѓошиќ е вработен во оваа установа и до изборот на нов директор ќе раководи со неа.

Лани Министерството за култура го именуваше Васил Бубев за директор, откако на конкурсот се пријавиле уште двајца кандидати. Тие незадоволни од одлуката на Министерството поднесоа тужба до Управниот суд, која беше прифатена. Изминативе осум месеци, иницијативата „Култура или фискултура“, во која членуваат актери од Струмичкиот театар, организираше повеќе протести во Струмица и Скопје со кои укажуваа на незаконитост на постапката за избор на досегашниот директор.