Бојан Јовановски, во јавноста познат како Боки 13, вчера гостуваше во подкаст каде што кажа многу работи за периодот кога тој беше во многу блиска релација и друштво на високите државни функционери од периодот на владеење на Зоран Заев.

Една од работи кои што тој ги истакна беше дека тој бил толку близок со тогашното државно раководство поставено од Социјалдемократскиот сојуз, што Венко Филипче кај него дома преговарал за милионски бизниси и за продажба на државна болница.

Јовановски рече дека болницата која што Филипче ја договараа за продажба преку јавно приватно партнерство е Градската општа болница 8 Септември и во преговорите за неговата продажба, тој побарал пари за него и за Зоран Заев.

Јовановски истакна дека доколку се реализирал договорот за продажба на болницата и на него требало да му биде доделен процент.

„Ако Венко Филипче се дрзна кај мене дома да преговараат за милионски бизниси, да продаваат државна болница со Јордан Камчев, како може да не сме блиски? Преговараа за болница и он побара за него и за Заев пари. Се работеше за болницата 8 Септември, за јавно приватно партнерство и приватизирање на таа болница по посебни критериуми изготвени од Министерството за здравство. Состаноците се одвиваа кај мене во мојот дом во Орман. Е тука јас имав конкретен интерес. Конкретниот интерес беше процентуална вредност која што ќе ми припаднеше на мене доколку биднеше тој дил“, рече Јовановски.

Истакна дека тогашниот министер за здравство Венко Филипче преговараше во негово име и во името на владата и дека на една од средбите Зоран Заев во телефонски разговор беше ставен на интерфон за да го поддржи разговорот и зделката за продажба на болницата.

„Од едната страна беше Венко Филипче, кој што преговараше во негово име и во име на владата. На една од тие средби беше Зоран Заев и на спикерфон ставен за да го поддржи целиот разговор и целата, некаква си, зделка. Од другата страна беше Јордан Камчев, а на сето тоа кумуваше и присуствуваше Зоран Милески – Кичеец, оној кој што ја носеше Луј Витон торбата на снимките кои што беа во случајот Рекет“, истакна Јовановски.

Значи, додаде Јовановски, ова се случува во месец март-април откако Јордан Камчев беше пуштен од притвор и домашен притвор по одлука на Врховен суд, а не по интервенција и влијание на Бојан, во случајот Империја.