Со презентација на материјални докази и фотографии на кои се прикажува запленета облека на шоуменот Бојан Јовановски, продолжува судењето за предметот „Рекет“ во кој обвинети се Боки 13 и поранешната специјална обвинителка Катица Јанева.
На екранот се прикажуваат разни брендирани обувки, кошули, наметки од одземените 71 вреќа од домот на првообвинетиот. Во моментот се прикажува содржината од 44-тата вреќа.
По презентацијата на материјалните докази од страна на обвинителството, се очекува и одбраната на Боки 13 и Јанева да ги презентира нивните материјални докази.
Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција во октомври годинава поднесе обвинение против Бојан Јовановски, Катица Јанева и Зоран Милевски.
Првообвинетиот Јовановски се сомничи дека сторил кривично дело „перење пари и други приноси од казниво дело“, а Јанева и Милевски за „примање награда за противзаконито влијание“. Второобвинетата Јанева се товари и дека сторила и кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“.
На првото рочиште за „Рекет“, што се одржа на 3-ти декември минатата година, третообвинетиот Зоран Милевски-Кичеец призна вина, по што беше осуден на три години затвор.