Мојата состојба е животно загрозувачка, повраќам константно, затворскиот лекар има желба да ми помогне, но не може, изјави денеска Бојан Јовановски – Боки 13 на јавна седница во Апелациониот суд Скопје и побара укинување на мерката притвор и замена најмалку со куќен притвор.

– Имам органски проблем, но сум во добра психичка состојба, изјави Боки 13.

Неговиот адвокат достави и медицинска документација:

– Секој втор ден Јовановски се носи на Клиниката за торакална хирургија, има две неуспешни операции, кои во условите во притвор му предизвикуваат огромни проблеми. Потребна му е хоспитализација. Овој човек не може да јаде, храната му се враќа, има лошо поврзување на тенкото црево со желудникот и тоа може да му предизвика смрт, рече адвокатот на Јовановски, кој достави медицинска документација до Кривичниот совет на Апелација.

Боки 13 е во притвор од 15 јули и притворот му беше продолжен поради опасност од бегство, влијание врз сведоци, прикривање на докази, повторување на кривичните дела и поради вештачењата кои не се завршени.

Тој е осомничен во истрагата „Рекет“ и со осомничената во истата истрага Катица Јанева се во притвор во Шутка.