Службениот автомобил што бил купен со државни пари во екот на битката против коронавирусот, вест која вчера предизвика револт кај граѓаните, бил набавен за потребите на Здравствениот дом во Тетово.

Оваа вест која денеска се шири на социјалните мрежи ги провоцира граѓаните, чии пари се трошат за луксуз во време кога тие се соочуваат со пандемијата, сиромаштија и страв за сопственото здравје.

– Уште една прекрасна вест од здравството, колата со кожен волан и 6 звучници и се шо треба купена со пари за справување со Ковид криза е за Здравствен дом Тетово! Сигурно кога ќе опичиш 6 звучки да лупаат бега Ковидот. Какви гнасотии излагаат од периодот кога бевме трети во светот по смртност, сега гледам и зошто, гласи еден од коментарите на Фејсбук.

Како што објавивме вчера, во време на најголемата здравствена, економска и психолошка криза кај граѓаните, пари од буџетот кои тие го полнат, биле трошени за луксуз. И тоа во време кога Македонија беше на врвот на листата на починати од коронавирусот во светот. И токму во градот каде изгоре ковид-болницата и во која беа изгубени животи на луѓе не само од вирусот туку и од негрижата за нив.