Шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел, вчера по повод смртта на рускиот опозиционер Алексеј Навални изјави дека ЕУ, во тесна соработка со своите партнери, нема да штеди напори да бара одговорност за руското политичко раководство и руските власти и да наметнат дополнителна цена за нивните постапки, меѓу другото и преку санкции.

Борел, во соопштение објавено во име на ЕУ, наведе дека Русија мора да дозволи „независна и транспарентна меѓународна истрага за околностите на ненадејната смрт на Навални“ и ја повика Русија веднаш и безусловно да ги ослободи сите други политички затвореници.

Тој нагласи дека ЕУ е огорчена поради смртта на Навални и повторно го обвини рускиот претседател Владимир Путин и руските власти дека ја сносат „крајната одговорност“ за смртта на рускиот опозициски политичар. Тој, исто така, побара од Русија веднаш да ги ослободи лицата кои беа приведени додека му оддаваа почит на Навални, тврдејќи дека „неколку стотици луѓе се приведени“.

Борел оцени дека „неочекуваната и шокантна смрт“ на Навални е уште еден знак, како што тврди тој, за „забрзана и систематска репресија во Русија“. Тој посочи дека на денешната средба министрите за надворешни работи на ЕУ изразиле длабоко сочувство до сопругата на Навални, Јулија Навални, нивните деца, семејството, пријателите и сите оние „кои работеле со него за доброто на својата земја“.

Борел рече дека Навални „храбро се вратил во Русија“ по, како што тврди, обидот за атентат со нервниот агенс „новичок“, кој е забранет според Конвенцијата за хемиско оружје чиј потписник е и Русија.

Борел потсети дека ЕУ во неколку наврати го осуди труењето на Навални и „сите политички мотивирани пресуди против него поради неговите легитимни политички и антикорупциски активности, повикувајќи на негово итно и безусловно ослободување“, како и дека неколку пати побара од Русија да ја осигура неговата безбедност и здравје.

Борел оцени дека во текот на својот живот Навални покажал „неверојатна храброст, посветеност кон својата земја и своите сограѓани и решителност, со својата антикорупциска работа низ Русија“, тврдејќи дека затоа „Путин и неговиот режим се плашеле од него“, вклучително и во контекст на војната во Украина и претседателските избори во Русија во март годинава.

Фото: Х