Владиниот портпарол Миле Бошњаковски денеска изјави дека ни најмалку не се доведува во прашање одржувањето на заедничката владина седница меѓу Македонија и Бугарија по последните изјави на бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана Красимир Каракачанов и бугарскиот европратеник Андреј Ковачев.

Одговарајќи на новинарско прашање по редовната прес-конференција, Бошњаковски нагласи дека заедничката владина седница ќе се одржи, но оти се уште не е утврден датумот.

– Се договараат деталите, а датумот во овој момент не е потврден. Дополнително премиерот (Зоран Заев) в понеделник оди во Бугарија на отворање на голем инфраструктурен проект автопатот Благоевград – Кула, што има крак кон Берово. Регионалната соработка не само што зајакнува, напротив ќе се одржи владината седница. Во моментов датумот не е утврден и нема апсолутно никакви дилеми дека седницата ќе се одржи, истакна Бошњаковски.

Владините портпароли денеска на прес-конференција информираат дека се очекува да се одржи и првата заедничка владина седница меѓу Македонија и Србија.  Се очекува утврдување на точниот датум на одржување.

– Македонската Влада е целосно посветена на имплементацијата на Преспанскиот договор и истото го добиваме и од другата страна, односно од Владата во Атина. Вчера самите јавно кажаа дека постои мнозинство во Парламентот во Атина да се ратификува договорот, изјави Бошњаковски, одговарајќи на новинарско прашање како ја коментира македонската Влада изјавата на грчкиот премиер Алексис Ципрас дадена пред два дена во грчкиот Парламент.

Тој додаде:

– Во целост ги почитуваме и имплементираме одредбите што се наведени во Преспанскиот договор и нема ништо надвор од него. Истото го добиваме и од другата страна, односно Владата на Атина. Вчера кажаа самите јавно дека постои мнозинство во Парламентот во Атина кое ќе го ратификува договорот. Договорот ќе биде ратификуван прво во Македонија, потоа во Парламентот во Атина и Македонија во истиот момент ќе стане и земја членка на НАТО Алијансата, истакна Бошњаковски.

Инаку, Владата на вчерашната 108 седница го усвои текстот на четирите уставни амандмани кои се испратени во македонското Собрание на усвојување. По дебатата на нацрт-амандманите во македонското Собрание и организираните јавни расправи направени се измени во текстот на 34 и 36 амандмани.