Директорите на  „Градски паркинг“ – Скопје, Бојан Христовски и ЈП „Дрисла“, Јане Мицевски денеска поднесоа оставки од функциите, поради, како што велат, немањето координација со градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска.

Христовски во објава на својот фејсбук-профил истакнува дека тимската работа на градоначалникот и јавните претпријатија е неопходна и дека нарушената координација е сериозна опасност за непречено функционирање на скопската локална самоуправа што е на штета на граѓаните.

– Дополнително вчера бевме сведоци на политичко-медиумска конструкција против директорот на едно јавно претпријатие и секретарот на град Скопје, при што без никакви факти и аргументи истите беа експресно „елиминирани“. Значи тоа се случува кога мерило за успехот не се резултатите, туку игрите кои се рефлексија на други поинакви интереси од колективните. Сето ова покажува дека многу малку или воопшто не се посветува внимание на она што беше ветено пред граѓаните за модерно Скопје, и јас како поединец и покрај бројните резултати за кус период не сакам да бидам дел од систем каде приоритет не се нашите цели и проекти, и каде нема поддршка од Градот ниту пак има нормална комуникација со градоначалникот. Затоа поради незаинтересираноста на првиот човек на градот за потребите на скопјани и градски паркинзи, како и поради драстично намалената поддршка на проектите кои со сопствени средства ги реалираме денес, поднесувам неотповиклива оставка од позицијата вд директор на ЈП Градски паркинг – Скопје, вели Христовски.

Директорот на „Дрисла“ смета дека првенствена задача за еден градоначалник не смее да биде личната пресметка и хајка кон поединци, туку приоритетите и проектите.

– Морам да го истакнам немањето на координација и достапност со градоначалничката Арсовска и покрај бројните мои обиди тоа да биде сменето. Во такви едни услови сметам дека првенствена задача за еден градоначалник не смее да биде личната пресметка и хајка кон поединци, каква што видовме вчера, туку посветување на приоритетите и проектите кои се основна задача. Дополнително, „Дрисла“ се соочува со сериозен проблем поради сметките за струја кои се сериозен удар на претпријатието, а за жал до сега претпријатието нема никаква поддршка од Градот Скопје, истакна директор на ЈП Дрисла, Јане Мицевски.

По оставките на директорите на јавните претпријатија, реагираше градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска.

На нејзиниот фејсбук-профил, Арсовска напиша дека поради несоодветно работење, неиспорачување резултати и непочитување на насоките на градот Скопје, директорите добиле понуда да си дадат оставка или да бидат разрешени.

– Градот Скопје е град на сите скопјани, затоа сите носители на овие одговорни раководни функции во градот се должни да даваат отчет пред граѓаните, а не пред партиските лидери. Скопје мора да биде  модерен град, град за сите скопјани.#нултакорупција  #ЗаМодерноСкопје, истакнува Арсовска.