Во јавноста веќе подолго време се зборува дека процесите кои се водат против функционерите од поранешната власт на ВМРО-ДПМНЕ зад себе имаат длабока политичка позадина. Сериозни се сомнежите дека пресудите се веќе договорени, дека се работи за еден класичен политички прогон.

Уште поголем сомнеж врз фер водењето на овие случаи фрла и братот на судијката Оља Ристова, Боби Илиевски, кој на Фејсбук објавува постови во кои пишува кој од обвинетите во случаите на СЈО, какви казни ќе добие.

-До 3 години затвор за Н.Г., Ѓоко Поповски одговорниот за набавка на мерцедесот, може да добие над 6 години. П.С. Сега ги чекам бранителите на Н.Г и фамилијата кои тврдат дека е невин и нема да биде осуден. Ајде бранители на Н.Г. јавете се со име и презиме, пишува во еден статус Илиевски.

-НГ ќе биде осуден. Тип: 1:1 и 3+, пишува во друг пост тој.

-Во пресрет на првата затворска казна Н.Г., е уште еден од постовите.

-Ги молам сите тролови кои тврдат дека Н.Г. ќе остане невин да се воздржат од тролање до 23-ти мај, е уште еден од може да се каже типовите на Илиевски.

Инаку, Оља Ристова, сестрата на Илиевски е судијката која прва бараше нелегално стекнатите разговори да се прифатат како докази во судот, иако тоа според сите европски и светски регулативи е противзаконски.

Уште посимптоматично е што сестрата на Илиевски, судијката Ристова е блиска пријателка со една од трите главни обвинителки во СЈО, Ленче Ристовска. За што доказ се и фотографиите кои тие ги имаат заедно.

На социјалните мрежи фотографија со обвинителката од СЈО има и Илиевски.

 

Пред една недела, на 14-ти мај, поранешниот премиер на Република Македонија, Никола Груевски кажа дека постоеле најави и медиумски натписи во кои се тврдело дека Заев направил одреден договор со главниот судија во процесот за „Тенк“ и „Поткуп“, Добрила Кацарска.

-Дека тој нејзе ќе и овозможи да напредува, да стане судија на Апелациониот суд, а веднаш потоа и претседател на Апелациониот суд, а дека за возврат тој ќе биде прогласен за невин во случајот „Поткуп“, каде што има еклатантни докази, со ПИМ мерки, изјави Груевски.

Груевски кажа дека договорот е и тој да биде осуден.

-Неговата скандалозна изјава ја зацврстува основата на претходните јавни пишувања на одредени медиуми дека Заев има непринципиелен, незаконски договор со судот, договор со кој тој ќе биде прогласен за невин, јас за виновен, а за возврат тој да овозможи преку политички притисоци, преку политички очигледно прашања да овозможи напредок на одредени судии кој што ги судат и мојот предмет и предмет „Поткуп“. Тоа покажува дека станува збор за еден чист политички предмет, еден чист политички прогон кој што се случува во Република Македонија, темиран во време кога треба да се донесат клучни одлуки по прашањето за името на Република Македонија и интенцијата за промена на уставното име, а се поочигледно и менување на Уставот на Република Македонија, изјави Груевски.

Тој напомена што не е случајно што токму сега се забрза и неговиот случај, како и случајот каде тој е обвинет, овој месец Груевски на судот за овој спор беше повеќе од пет пати, што според него не е нормално.