Во 1944 година британското и американското разузнавање врз основа на своите луѓе на теренот изготвиле извештаи за Македонија во кои нагласуваат моменти кои делуваат прилично интригантно. Меѓудругото и дека македонското партизанско движење попрво е националистичко, отколку комунисти~ко, дека македонските партизански лидери размилсуваат за Македонија од Места до Охрид и од Солун до Куманово и дека Македонците се сосема различен народ во однос на соседите

Дарко Јаневски

Во перцепијата на просечниот Македонец, посебно кај оние што имаат антикомунистички чувства, македонското партизанско движење се доживува како просрпско движење чија првенствена цел била да го воведе комунизмот во Македонија и да ја зачува нашата држава во рамки на Југославија. Меѓутоа, документите што своевремено ги откри д-р Тодор Чепреганов, екс директор на Институтот за национална историја, нудат сосема поинакво светло врз македонските партизани, вклучувајќи тука и низа водечки личности на движењето, сеедно за оваа прилика што тоа ‘светло’, по ослободувањето беше затемнето.

Во Македонија во 1944 година, во тек е британската мисија ‘БРЕСОНЕСЕ’ на чело со капетан Мекдоналд, припадник на Управата за специјални операции. Како што стои во извештајот на Мекдоналд, од јануари до средината на април 1944, мисијата била во Грција, меѓу планината Кајмакчалан и реката Вардар, а подоцна, северно од Охридското Езеро, се до октомври кога мисијата завршува. Нејзин плод е извештајот во кој, во рамки на оценката на британската мисија за политичката ситуација во Македонија, се вели:

‘Македонското партизанско движење во својата основа пред се е националистичко, а потоа комунистичко движење. Во нивната пропаганда, за цело време нагласувањето е ставено на македонската национална независност. Бидејќи тие немале независност од дванаесеттиот век, очигледната брзина во реализирањето на оваа цел ги има обединето сите нијанси на политичкото мислење во Македонија позади партизанското движење… Нивните лидери сериозно сметаат дека Грција и Бугарија ќе и отстапат територии на нова Македонија. Според нив, границите би се протегале од реката Места до Охрид и од Солун до Куманово. Јас би нагласил дека ова не е некое мудрување, туку сериозно е поставено од Апостолски (Михајло Апостолски, н.з.), Абас (Цветко Узуновски, н.з.) и другите’.

Мекдоналд нагласува дека партизанските лидери од Македонија, во исто време, ја сфаќаат ‘неопходноста да бидат член на силна федерација на југословенските држави’. Тоа, според него, е последица на фактот што Македонија со векови била цел на различните балкански држави, па оттука, лидерите на партизанското движење знаат дека самите Македонци не се доволно силни за да ја задржат својата независност и ќе ‘треба да се потпрат на силна Југославија’.

Во поглед на економската ситуација во Македонија, Мекдоналд дава една прилично невообичаена и за нашата себеперцепција неповолна оценка: ‘Македонија е потенцијално богата, но единствена пречка кон било каков економски напредок се апатијата на народот и неговата мрзеливост… Сиромаштијата е многу голема и селаните живеат во нечистотија од свињите и домашните животни како резултат на мрзеливост. Облеката е од најлошата. Нивниот живот е многу едноставен. Нивна единствена грижа е да обезбедат доволно храна за да се задоволат себе си и своите фамилии преку зимата’, истакнува Мекдоналд.

Што се однесува до самите партизани тој наведува дека тие многу страдаат во зимата: ‘Две третини од бригадата се без чизми и многу од нив се без чевли или било какви чорапи. Многу починаа од смрзнатини’.
Мекдоналд се осврнува и на грчко-македонските односи. Врските меѓу политичките и воените лидери ги оквалификува како ‘блиски и срдечни’:

‘Нашите партизани постојано покажуваат одвратност кон неактивноста на андартите, а од друга страна тие зборуваат многу убаво за грчкиот народ кој ги хранеше преку целата зима и се грижеше за ранетите… Под режимот на Метаксас, македонскиот јазик бил целосно забранет… Македонските територијални барања вклучуваат дел од Солун и северно од него. На ова ќе се осврнам подоцна. Јас многу пати го покренав прашањето на грчката спремност да изгубат територија во корист на Македонија’, запишал Мекдоналд.

Тој додава нешто што кај денешниот просечен Македонец веројатно ќе предизвика позитивно изненадување. Партизанскиот план бил да се спроведе слободно гласање на територијата на Македонија за границите меѓу идните држави на Балканот: ‘Партизаните сметаат дека во однос на тоа не би требало да има проблеми бидејќи границите ќе бидат поставени според слободното гласање на народот. Слободното гласање би ги решило сите проблеми и е постојано повторувана тема од македонските партизани. Ист е случајот и со Албанија. Трите партизански движења, албанското, грчкото и македонското, навистина имаат многу силни заеднички врски, не покажуваат страв или сомневање едно од друго и активно и подготвено соработуваат’, истакнува британскиот разузнавач.

Во поглед на гласањето за нови граници на Балканот, посебно меѓу Југославија и Грција, Мекдоналд ја навел и забелешката дека Цветко Узуновски-Абас признал дека Грците се уште не се согласиле во однос на гласањето, но сметал дека ‘тоа е само академски’ и изгледал убеден дека на крај Грците ќе се сложат со предлогот. Но, како што Британецот иронично забележал, ‘Абас изгледа премногу буквално ја сфатил Атлантската повелба’ потпишана во 1941 година, првично само од Винстон Черчил и Франклин Рузвелт, за повоеното уредување на светот.

Во извештајот Мекдоналд се осврнува и на борбената способност на македонските партизани, истакнувајќи дека ‘им недостасува офанзивен дух’.

‘Апостолски призна во јануари дека македонските партизани секогаш избегнувале акции и самиот си рекол дека Косоварите нема да продолжат да ја водат целата борба. Некои македонски командири како индивидуи се храбри, но повеќето со ајдучки тип на храброст, а само неколкумина имаат такти~ки концепции. Дисциплината е лоша и дезертирањето беше често за време на офанзивата’, запишал Британецот.

(утре: Што велат американските разузнавачи во 1944?)