Вкупно 3.504 лица кои живеат во Македонија се изјасниле како Бугари, покажуваат денешните резултатит од спроведениот попис, кој се одржа минатата година.

Ако се спореди со претходниот попис од 2002 година, тогаш само 1.487 граѓани се попишале како Бугари.

Директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски, рече дека резидентното население во земјава е 1.836.713, додека нерезидентното население изнесува 260.606.

Соседна Бугарија, во преговорите со Македонија за деблокирање на патот кон ЕУ, постојано инстистира за запишување на Бугарите во Уставот на Република Македонија. Од македонска страна, пак, актуелната владејачка гарнитура тоа им го ветува.

Досега Бугарија лицитираше со десетици и стотици илјади „Бугари во Македонија“, а често се лицитираше и со бројка над „100.000 Бугари во Македонија“, според бројот на пасоши што ги издала соседна Бугарија на граѓани од Македонија. Бројките од овој попис покажуваат нешто друго. А тоа ги разочара бугарските политичари, многумина од нив денеска реагираат поради малиот број декларирани Бугари.

И додека Бугарија бара „Бугарите да влезат во Уставот“ во Македонија, и по многу пресуди од Европскиот суд за човекови права не им ги признава правата на Македонците во Бугарија. Но, и од македонска страна, од актуелната власт, нема поддршка за барањата на Македонците во европска Бугарија.

(Д.Г.)