Бројот на потврдени случаи на ебола во источниот дел на Демократска Република Конго достигна 1.003, од кои 254 завршија со смртен исход, соопштија локалните власти.
Следењето на лицата кои биле во контакт со заразените и натаму останува сериозен предизвик за здравствените служби.
Министерството за здравство соопшти дека од прогласувањето на епидемијата на 15 мај досега оздравеле 100 лица, а најмалку 365 пациенти се наоѓаат во болница или во изолација.
Епидемијата, предизвикана од реткиот сој „Бундибуџо“, за кој засега нема вакцина ниту специфичен третман, била најинтензивна во првиот месец од нејзиното ширење. Властите признаваат дека реалниот број на заразени може да биде значително поголем и предупредуваат дека врвот на епидемијата сè уште не е достигнат.
Министерството наведува дека успеало да идентификува и да следи само околу 55 проценти од контактите на заболените лица.
– Ако сакате да ставите под контрола едно жариште, особено на ебола, мора да знаете кој е првиот заразен. Ние сè уште не сме сигурни кога точно започнала оваа епидемија – изјави генералниот директор на Африканските центри за контрола и превенција на болести, Жан Касеја.
Властите сè уште не го идентификувале таканаречениот „нулта пациент“, а до минатата недела требало да бидат следени повеќе од 35.000 лица кои биле во контакт со заразените.
Состојбата дополнително ја усложнува активноста на вооружените бунтовнички групи во источниот дел на земјата. Во покраината Итури нападите на група поврзана со т.н. Исламска држава го ограничија пристапот до бројни села и предизвикаа нови раселувања на населението.
Повеќе од еден месец по избувнувањето на епидемијата, властите оценуваат дека ширењето на болеста и понатаму ги надминува напорите за нејзино ставање под контрола и дека вистинскиот обем на кризата сè уште не е познат.
Агенцијата на ОН за бегалци соопшти за најмалку два милиона присилно раселени лица, вклучително и повеќе од 320.000 бегалци, кои живеат во области изложени на ризик од ширење на ебола. Во соопштението објавено во петокот, агенцијата изрази длабока загриженост поради забрзаното ширење на вирусот и поради растечките ризици за раселените заедници.
– Доколку некоја болест или епидемија се прошири меѓу илјадниците луѓе кои живеат овде, тоа би било вистинска катастрофа со оглед на и онака многу тешките услови за живот, изјави претставникот на граѓанското општество во Итури, Шарите Банза. (МИА)




