Двојниот стрелец за Португалија во триумфот над македонската репрезентација во финалето од мундијалскиот бараж Бруно Фернандеш потпиша денеска нов договор со Манчестер Јунајтед до јуни 2026 година, со можност за продолжување на соработката за уште една година.

Португалскиот репрезентативец премина во Јунајтед од Спортинг во јануари 2020 година и стана клучен играч на премиерлигашот од Манчестер.

На 117 натпревари во сите натпреварувања 27-годишниот Португалец постигна 49 голови и запиша 39 асистенции за Манчестер Јунајтед, иако неговата форма сезонава е на пониско ниво.

– И по две изминати години чувството да се излезе на „Олд Трафорд“ е неверојатно. Овде сакам да постигнам уште многу, а знам дека тоа е така и за моите соиграчи и сите во клубот. Повеќе од сè сакаме на навивачите да им пружиме успех, кои тие го заслужуваат. Споделивме некои прекрасни моменти во текот на изминатите години, но најдоброто од мене и од екипата допрва доаѓа, изјави Фернандеш.