Црн Ламборџини Хуракан Перформанте одеднаш се запали во центарот на Бостон, а необична сцена го привлече вниманието на љубопитните минувачи, кои брзо ги зедоа мобилните телефони за да го снимат пожарот.

До самозапалување на скапиот автомобил – кој чини околу 300.000 долари – дојде во петокот, во близина на јавната библиотека во Бостон.

Иако пожарникарите брзо пристигнаа на самото место и го изгаснаа огнот, скапиот автомобил беше сериозно оштетен и, очигледно, немаше спас за него. За утеха, немаше повредени во пожарот.

Точната причина за пожарот досега не е утврдена, но, на видеото се гледа дека пожарот избувнал во задниот дел за мотор.

Пожарникарите дополнително го оштетиле возилото откако го изгаснале пожарот, бидејќи морале да отсечат одредени делови од каросеријата за да се осигураат дека пожарот случајно не тлее некаде внатре во автомобилот и нема повторно да се активира.

Љубопитните сведоци на случајот, брзо ги ставија фотографиите на социјалните мрежи, а некои се шегуваа на сметка на Ламборџинито.

Моделот Хуракан Перформанте дебитираше на саемот за автомобили во Женева во 2017 година.