Бугарското Министерство за надворешни работи денеска излезе со ново соопштение во кое реагира дека во … Македонија се поттикнува антибугарско расположение од политичари и јавни личности кои за таа цел ја злоупотребуваат руската воена агресија во Украина.

-Во врска со низата провокативни и злонамерни антибугарски коментари изминатите неколку дена од страна на политичари и јавни личности во Република … Македонија, Министерството за надворешни работи изразува загриженост дека злонамерната кампања против нашата земја има за цел да поттикне антибугарско расположение. Уште позагрижувачки е што се прават обиди за намерна злоупотреба на трагичните настани во Украина како резултат на руската воена агресија. Сметаме дека ваквите цинични обиди мора категорично да се отфрлат. Никој нема право да ја злоупотребува трагедијата на украинскиот народ на таков арогантен и непринципиелен начин, се вели во соопштението.

Во соопштението натаму се вели дека ваквата кампања може негативно да влијае врз позитивните трендови што се забележани во политичкиот дијалог во последните месеци.

БГНЕС пишува дека пред само три дена лидерот на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов, кој е дел од владината коалиција предводена од Димитар Ковачевски, Бугарија ја нарекол геноцидна држава.

Сепак, реакцијата на бугарското МНР очигледно доаѓа по говорот на Александар Николоски од ВМРО-ДПМНЕ во Стразбур, кога изјавите на Путин дека Украина е комунистичка творба ги спореди со истоветните тврдења на Бугарија и негирањата на македонскиот народ кои доаѓаат од источниот и јужниот сосед.