Македонците во Грција го осудуваат договорот од Преспа, соопштуваат од Македонското меѓународно движење за човекови права (ММДЧП). Отец Никодим Царкњас, познатиот македонски активист за човекови права, вели дека: Македонците во Егејска Македонија се 100 проценти против Преспанскиот договор.
– Низ целите наши животи се боревме за нашето опстојување на Македонци, исто како и нашите предци. Никој нема право со еден потпис да ни го смени името, етничката припадност, идентитетот и историјата, вели отец активист за човекови права од Соботско крај Воден (анектирано од страна на Грција при поделбата на Македонија во 1913 година).
Грција го претставува вештачкиот „спор за името“ како дипломатски спор меѓу две соседни земји, но сепак признаваат дека нивната цел во создавањето на спорот за името всушност е да го избришат постоењето на Македонците во Грција. Со наметнување на Преспанскиот договор, тие ја остваруваат оваа своја цел.
– Не може да се потпише договор кој е создаден со цел да се редефинира и избрише една етничка група. Преспанскиот договор не може да се гледа само како договор за „решавање“ на прашањето на името на државата, бидејќи со него и се наметнува на една вековна заедница како смее да се дефинира себеси: Членот 7 (2) определува дека „Овие изрази (Македонија и македонски) ја означуваат не само областа и народот во северниот регион на Првата страна (Грција), туку и нивните одлики, како и елинската цивилизација, историја, култура и наследството на тој регион од антиката до денешен ден“, се вели во соопштението од ММДЧП.
Македонците во Грција, се додава натаму во соопштението за јавноста, официјално не постојат, според начинот на кој се спроведува Преспанскиот договор.
– Новопрогласените ставови на немакедонци од Грција дека постоел „регионален македонски идентитет“ не можат да се сметаат за позначајни од етничката припадност, идентитетот и историјата на една цела етничка заедница – на Македонците. Западот не смее да го наградува културолошкото присвојување на македонското име од страна на Грција (впрочем и од Бугарија) со наметнување на Преспанскиот договор. Иронично е што македонското име – кое Грција долги години го негираше – сега се присвојува од нивна страна (почнувајќи од 1988 година), и се користи во обид да се избрише постоењето на македонската етничка заедница. Понатаму, не смее да се смета дека со овој илегален договор се решава дипломатски спор, бидејќи основните човекови права како што е правото на само-определување и само-изјаснување се неотуѓив дел на меѓународното право, вградени во Повелбата на Обединетите нации и на сите меѓународни конвенции за човекови права, соопштува ММДЧП
Натаму се вели дека независниот експерт на Обединетите нации Геј Мекдугал во 2009 година порача: „Грција треба да се повлече од спорот околу постоењето на македонско малцинство на нејзина територија и да се фокусира на тоа да го заштити правото на само-определување, слободата на изразување и на здружување на оваа заедница“.
– Европскиот Суд за човекови права ја осуди Грција, и тоа повеќе пати, затоа што одбива да го впише Домот на македонската култура во својот регистар на организации, и конкретно затоа што го крши го крши Член 11 од Рамковната конвенција за заштита на човековите права. Конечно, освен отворено расистичките, анти-македонски изјави кои честопати ги изнесуваат грчките политичари, со Преспанскиот договор тие се сега охрабрени и посочуваат на договорот како основа да го негираат правото на Македонците на постоење. Грчкиот премиер Ципрас изјави: „Не ги нарекуваме Македонци туку Славо-Македонци. Со договорот не се признава постоење на македонска нација“, се вели во соопштението.
Македонското меѓународно движење за човекови права, СНС Македониум, отец Никодим Царкњас, Македонците во Грција и Македонците ширум Балканот и низ светот бараат поддршка за заштита на нашите основни човекови права и за нашето право да бидеме тоа што сме и што отсекогаш сме биле – Македонци.
– Ниту една етничка група не би треало да биде изложена на вакво отворено бришење на нејзиниот етнички идентитет. Спроведувањето на незаконскиот Преспански договор мора да биде запрено веднаш, порачува ММДЧП.
Македонското меѓународно движење за човекови права (ММДЧП) активно работи на заштитата на човекови и национални права на Македонците и другите обесправени народи од своето основање во 1986 година.