Шведска денес побара од членките на ЕУ повеќе авиони за гасење пожари за да може да се справи со четириесетината пожари кои ја зафатија земјата.

Во големата операција на гасење на пожарите од вчера се вклучени и два италијански авиони, но Шведската агенција за вонредни состојби побара уште помош.

Според извештаите станува збор за пожари од историска димензија, а топлото време не им оди во прилог на пожарникарите, па се очекуваат да се појават и нови жаришта.

Во некои области е наредена евакуација на локалното население, а досега нема извештаи за евентуални настрадани лица.

Како особено опасен пожар се споменува тој во Фагелсјо-Лиласен во Јамтланд, кој зафатил површина од 2.500 хектари и се шири со брзина од десет квадратни метри во минута.

Шведска наредила мобилизација на сите пожарникари, а и тие што биле на одмор морале да го прекинат и да се јават на должност.