Руското Министерство за здравство ја одреди максималната цена на вакцината против коронавирусот Спутник V на 1.942 рубљи за две дози (21,5 евра), изјави денеска Алексеј Кузњецов, помошник министер за здравство.
– Министерството за здравство на Русија ја регистрираше максималната цена на производителот на вакцината за спречување на инфекцијата со коронавирусот Спутник V, што ја разви Националниот истражувачки центар за епидемиологија и микробиологија Гамалеја. Тоа е 1.942 рубљи за две дози, изјави тој за руските медиуми.
Кузњецов додаде дека цената на кутија со пет комплети од две дози е утврдена на 9.710 рубљи (околу 108 евра).
– Вакцинацијата на руските граѓани ќе биде бесплатна и апсолутно доброволна, истакна тој.
Руската Влада претходно ја додаде вакцината на списокот на основни лекови.