Комисијата за жалби при Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ), заседавала и утврдила дека сатричниот текст на порталот Кооперација под наслов „Средношколец: Сакам да се укинат распустите, сакаме да учиме“, отстапувал од професионалните и етички стандарди.

Одлуката е донесена по жалба на претседателот на Сојузот на средношколци, Лука Павиќевиќ, кој во жалбата навел дека „текстот содржи неточно и нефер известување, нарушување на приватноста и незаштитена малолетна публика“.

– Значи, станува збор за misleading содржина, т.е. конкретниов запис го наведува читателот во погрешна насока, која не е вистинита. Изборот на фотографија е дополнително проблематичен имајќи предвид дека јас сум малолетно лице, кое се најде на тапет на нападите директно од страна на најголемата партија во државата, а верувам дека и самиот автор и неговата редакција се свесни дека мошне ретко мнозинството од луѓе сфаќа дека порталот е сатиричен, туку напротив веста се зема здраво за готово, наведува Павиќевиќ во жалбата.

На тие што ја разбираат сатирата и се против нејзиното укинување во Македонија им е јасно дека порталот Кооперација објавува сатирични вести и дека и спорната содржина е од тој вид. И порталот е продолжение на традицијата на популарниот и сега непостоечки сатиричен весник Остен.

Но, откако „слободоумните демократи“ со „пенкало урнаа режим“ во Македонија, почнаа да ни пишуваат нова историја, ни запишаа ново име на државата, за што граѓаните беа повикани на референдум (неуспешен) со „вистината вест“ дека ќе имаат бесплатно здравство низ цела Европа. Таа вест е исто толку вистинита колку таа дека „добивме датум од ЕУ“ објавена во тн. мејнстрим медиуми кои објавуваат „вистински вести“ и ја „чешкаат социјал-демократската власт“, која го урна „режимот со странско пенкало“.

Па, откако ни го запишаа новото име, со придавка, почнаа да ги бришат белезите од историјата на Македонија, во кои прво настрада сонцето од првото државно знаме на самостојна Македонија.

Но, тие што објавуваат сатирични и вести дека „датумот од ЕУ“, „бесплатното здравство за сите во ЕУ“ и сл. од „независните здруженија“ и уште „понезависните“ фактчекери се означени како медиуми кои објавуваат лажни вести. И си сносат последици оти ја „лажат и трујат јавноста“…

Така сега, отако не угреа „социјалдемократското сонце“, овде (не) се знае ни кој пие (со власта, оти ги има доста), ни кој бруси 16-краки сонциња. Ама се знае кој треба да биде покажан со „независен показалец“ за ширење „лажни вести“ за нашава состојба која ни е розова во секој поглед.

А со последнов случај, со „лажната вест“ на сатиричната Коперација, е уште еден знак дека слободоумните не завршиле со шахтите и сонцето, туку за доброто на нашата северна земја треба да зајде и сатирата.

Најтрагично е тоа што, и сатирата и цензурата, во случајов, е производ на тие што треба да се борат за слободата на човекот, умот и на медиумите.

(Д.Г.)