Девојка се разнела денеска со експлозив на полициски пункт во Грозни, главниот град на Чеченија. Притоа никој друг не настрадал, а во тек е утврдување на иднетитетот на жената – самоубиец.

Таа при преминот низ контролниот полициски пункт ја активирала експлозивната направа, изјави за новинарите в.д. министерот за внатрешни работи на Чеченската Република, полицискиот генерал Апти Алаудинов.

Според неговите зборови, полицајците откако забележале дека девојката чудно се однесува, ја повикале да застане и да ги покаже документите, изјави Алаудинов, јави Спутник.

Девојката не се одзвала на предупредувањето и тргнала кон пунктот. Полицајците забележале дека носи експлозив и испукале предупредувачки истрел, а девојката тогаш го активирала експлозивот.

Нема други жртви во инцидентот, полицајците успеале да ја задржат жената подалеку од себе, додава генералот.

Во тек е утврдување на идентитетот на жената-самоубиец и се трага по евентуални соучесници во нападот.

Инцидентот, како што е соопштено, не влијаел на ситуацијата во градот, а сообраќајот и трговските центри работат вообичаено, додава Алаудинов.