Обвинетите Јане Ченто и Игор Југ на почетокот на денешното рочиште за случувањата во Собранието на 27 април минатата година пред судот кажаа дека нема да поднесат барање за амнестија и дека остануваат до крај пред судот.

– Со оглед дека овој предмет е тежок и предизвик и за вас како судии и за нас како обвинети, морам да му кажам на судот да има предвид дека покрај законот донесен од политичките елити, јас Јане Ченто сакам Вие, а не политичките елити да ме судат, изјави Ченто.

Посочи дека сите, а најмногу јавноста сакаат да се дознае вистината за 27 април.

– Точно е дека сме влегле во Собранието, но секој мора да сноси одговорност за тоа што го сторил внатре. Никој не може да не помилува. Имам целосна доверба во Вас и вашата одлука што ќе ја донесете. Време е да покажеме дека имаме правна држава. Јас нема да поднесам барање за амнестија. Останувам до крај и вие судете ми, изјави Ченто.

Обвинетиот Игор Југ, исто така побара збор и кажа дека целосно го поддржува излагањето на Јане Ченто и се приклучува на тоа.

– Ниту јас нема да поднесам барање за амнестија и правдата ќе ја докажувам пред вас. Не го признавам селективниот закон за амнестија и нема да дозволам да бидам ничија монета за поткусурување, рече Југ.

Судијката Добрила Кацарска рече дека не знаеле за што бараат збор обвинетите, но откако веќе се однесува на Законот за амнестија, рече дека советот во оваа фаза не одлучува ништо за тој закон.

– Законот не е надлежност на овој советот. Се знае кој ќе одлучува по барањата на обвинетите согласно законот за амнестија, рече Кацарска.

Судењето продолжува утре, кога ќе треба да бидат изнесени дополнителните докази на одбраната на Митко Чавков, Душко Лазаров и Крсто Мукоски.

Судот денешното рочиште го одложи за одбраната на Митко Чавков да може да се подготви за изведување на предложените докази.

Дополнителни докази предложи одбраната на обвинетите Крсто Мукоски, Митко Чавков, Душко Лазаров, Мунир Пепиќ, Игор Југ и Александар Василевски Нинџа, но судијката Добрила Кацарска кажа дека  добила известување од УБК дека доказите на Пепиќ не се декласифицирани, а доказите предложени од Нинџа не се прибавени на законит начин.

Судијката Добрила Кацарска најави дека Судечкиот совет на утрешното рочиште ќе се произнесе дали ги прифаќа дополнителните докази предложени од обвинетиот Игор Југ, а во однос на околу стотината аудио разговори и фотографии предложени од обвинетиот Александар Василевски Нинџа, рече дека тие не се прибавени на законит начин и судот нема да може да ги прифати како докази.

Одбраната на Мукоски на минатото рочиште предложи да се изведат стенографски белешки од неколкуте продолженија на Конститутивната седница на Собранието на Република Македонија од април минатата година.

За случувањата во Собранието на 27 април 2017 година обвинети се вкупно 33 лица, од кои 31 лице за терористичко загрозување на уставниот поредок на државата и двајца за поттикнување. Претходно поради влошена здравствена состојба на обвинетиот Сашко Марковски постапката за него беше одвоена.

Меѓу обвинетите се повеќе пратеници, вработени во МВР и собраниското обезбедување, уметници. Тие пред Судот кажаа дека го разбираат обвинението, но не се чувствуваат за виновни.

На обвинителната клупа се Љубен Арнаудов, Сашо Василевски, Крсто Мукоски, Љупчо Димовски, Јохан Тарчуловски, Митко Чавков, Митко Пешовски, Душко Лазаров, Горан Ѓошевски-Леви, Оливер Поповски, Оливер Радулов, Мунир Пепиќ, Абдуљфета Алими, Елена Доцевска-Божиновска, Иван Цветановски, Борис Дамовски, Богдан Илиевски-Бетмен, Владо Јовановски, Игор Дурловски, Стефан Младеновски, Михаил Младеновски, Захарие Симовски, Младен Додевски, Јане Ченто, Горанче Ангеловски, Игор Југ, Илија Славески, Влатко Трајков, Вилијам Михајловски, Никола Митревски-Кољо, Александар Василевски-Нинџа и Митре Питроповски.