Во пријатен и спонтан разговор, реков дека господинот Ципрас во многу нешта е сличен со нашиот премиер Заев, на што Ципрас низ насмевка ми одговори: „Да, да, ние сме како браќа“!

Вака денеска раскажува ректорот на приватниот универзитет ФОН, Нано Ружин, за вчерашната средба со грчкиот премиер Алексис Ципрас во Атина, на соопштувањето дека со премиерот Зоран Заев во Скопје беа номинирани за Нобеловата награда за мир за Преспанскиот договор.

– Премиерот Ципрас ја прифати номинацијата за Нобелова награда како силна поддршка за процесот што го започнаа со неговиот колега Заев, вели Ружин.

Тој за Дојче веле раскажува дека имале многу срдечна средба со Ципрас, кој беше домаќин на „четворката“ која еден ден претходно на церемонија на ФОН во Скопје, објави дека грчкиот и македонскиот премиер ќе бидат номинирани за Нобеловата награда за мир.

Номинацијата ќе ја поднесе добитничката на оваа награда за 2015 година, Тунижанката Уидидед Бушамауи, заедно со поддржувачите на таа идеја – Нано Ружин, генералниот менаџер на ФОН, м-р Сефер Цаноски и грчкиот европратеник Стелиос Колуглу.

На средбата со гостите од Скопје, грчкиот премиер ја пренел и неговата честитка за Нова година и Божик до сите наши граѓани, со желба двете земји идните прослави да ги дочекаат без никакви билатерални проблеми.