МВР ќе го обезбедува чествувањето на настанот, а премиерот Димитар Ковачевски ќе ја предводи владината делегација на чествувањето на роденденот на Гоце Делчев на 4 февруари во Скопје.

Владата, на вчерашната седница донесе и заклучоци во врска со одбележувањето на 4 февруари, денот на раѓањето на македонскиот апостол Гоце Делчев.

Задолжено е Министерството за внатрешни работи да ги преземе сите мерки за обезбедување на реализацијата на настанот, според препораките од надлежните служби соопштени на завчерашната седница на Советот за безбедност.

Делегацијата, којашто во име на Владата ќе присуствува во црквата Свети Спас во Скопје и ќе положи цвеќе на гробот на Гоце Делчев ќе биде составена од претседателот на Владата Димитар Ковачевски, првиот заменик на претседателот на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, министерката за одбрана, Славјанка Петровска и министерката за култура, Бисера Костадиновска Стојчевска, соопштија од Владата.