Извршена е уште една успешна трансплантација на срце, која е четврта во Македонија од минатиот мај.
– Рано утрово срцето на 44-годишната пациентка чие семејство несебично ги донираше органите, почна повторно да чука. Пациент кој неколку години боледува од тешка кардиоваскуларна болест доби шанса за нов живот. Во изминативе 24 часа 100-ина лекари, медицински сестри и болничари работеа заедно како тим и покажаа како беспрекорно функционира здравственитот ситем, објави министерот за здравство Венко Филипче на својот фејсбук-профил.
Медицинските тимови од Клиниката за урологија и Клиниката за кардиохирургија во Скопје пред полноќ почнаа експлантација на бубрези и срце од 44-годишна пациентка која вчера попладне е дијагностицирана со мозочна смрт.
Тројца пациенти ноќеска се подготвуваа за трансплантација на органиите – срцето и бубрезите од донорот.
Постапката за трансплантација на срцето и бубрезите почна по полноќ, а потоа и експлантација на коскени ткива.Целата постапка ја водеа болничките координатори од КАРИЛ заедно со Министерството за здравство.