Една од најсериозните безбедносни кризи во Русија почна да се решава со договорот за заминување на лидерот на побунетите платенички сили „Вагнер“ од Русија, кој нема да се соочи со обвиненија, а неговите сили се повлекуваат од градовите на југот на Русија и застанува маршот кон Москва.
Евгениј Пригожин го прекина движењето на своите сили кон Москва откако беше договорено да оди во Белорусија, а неговите сили нема да бидат санкционирани ниту за бунтот.
Пригожин, поранешен сојузник на Путин и основач на војската на „Вагнер“, изјави дека неговите луѓе вчера пристигнале на помалку од 200 километри од главниот град.
„За 24 часа стигнавме на 200 километри од Москва. За тоа време не пролеавме ниту една капка крв од нашите борци“, вели Пригожин, облечен во полна борбена опрема, во видеото снимено на непозната локација.
„Сфаќајќи…дека ќе се пролее руска крв, ние ги свртивме нашите колони и се враќаме во теренските кампови според планираното.
Кремљ објави дека не знае со што ќе се занимава Пригожин во Белорусија, а кој заработил милијарди од зделките со руската држава.
Судирот на шефот на „Вагнер“ со руското воено раководство насилна кулминација имаше вчера кога неговите сили зазедоа клучна воена база во јужна Русија, а потоа се преселија на север за да му се заканат на главниот град.
Неколку часа подоцна, Кремљ објави дека тој ќе оди во Белорусија и дека Русија нема да го гони него ниту членовите на групата.
Тоа беше драматичен ден со настани, кога претседателот Владимир Путин предупреди на опасност од граѓанска војна, Москва ги советуваше жителите да не излегуваат на улиците, а Киев уживаше во хаосот што го зафати непријателот.
Во раните утрински часови денеска „Вагнер“ ги повлече борците и опремата од Ростов на Дон, каде што претходно окупираа воен штаб, изјави регионалниот гувернер.
Но, пред да заминат, десетици жители навиваа и скандираа „Вагнер! пред воениот штаб што го окупираа.
Сообраќајните ограничувања на главниот автопат М-4 „Дон“ останаа и денеска во регионите Москва и Тула, објави Федералната агенција за патишта на каналот Телеграм.
Властите во јужниот регион Липецк најавија укинување на ограничувањата по претходните извештаи за борци на „Вагнер“ во нивната област, каде што локалниот главен град е на само 420 километри јужно од Москва.
Белорускиот лидер Александар Лукашенко изјави дека преговарал за примирје со Пригожин, кого лично го познава 20 години, за што Москва му се заблагодарила.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, подоцна изјави дека „кривичниот случај против него (Пригожин) ќе биде отфрлен. Тој самиот ќе оди во Белорусија“.
Песков, исто така, рече дека членовите на Вагнер кои учествувале во, како што го нарекоа властите „вооружен бунт“ нема да бидат кривично гонети.
„Избегнувањето крвопролевање, во внатрешен конфликт и конфликтот со непредвидлив исход беше најважната цел“, додаде Песков.
Песков, исто така, рече дека не е свесен за каква било промена во односот на претседателот Владимир Путин кон министерот за одбрана Сергеј Шојгу, чие заминување го бараше Пригожин.
Киев уживаше во хаосот што го зафати неговиот непријател.
„Пригожин го понижи Путин, државата и покажа дека повеќе нема монопол на насилството“, изјави на Твитер Михајло Подољак, помошник на украинскиот претседател.
Додека Русија тврди дека бунтот немал никакво влијание врз нејзината операција во Украина, Киев рече дека немирите понудиле „прозорец на можности“ додека ја спроведуваат долгоочекуваната контраофанзива.
САД и нивните сојузници се воздржаа од коментари додека официјалните лица чекаа да видат како ќе се одвива бунтот.
Американскиот претседател Џо Бајден разговараше со лидерите на Франција, Германија и Велика Британија поради загриженоста дека контролата на Путин врз земјата со нуклеарно оружје може да се лизне.
Пред падот на Пригожин, руските редовни сили ја започнаа, како што рече регионалниот гувернер, „антитерористичката операција“ за да го запрат напредувањето на „Вагнер“ на север по главниот автопат за Москва.
Во главниот град, градоначалникот ги повика московјани да останат дома и понеделникот го прогласи за неработен ден. Таа мерка остана на сила и по договорот за заминување на Пригожин.
Во центарот на градот е зголемено обезбедувањето, а вооружени лица во панцири ја чуваат зградата на парламентот. Црвениот плоштад е затворен за јавноста.
„Не знам како да реагирам. Во секој случај, многу е тажно што се случува ова“, изјавила 35-годишната Јелена за АФП, не сакајќи да го каже своето презиме.
Одговарајќи на предизвикот во вчерашното телевизиско обраќање Путин го обвини Пригожин за „забивање нож в грб“ што претставува закана за самиот опстанок на Русија.
„Сите внатрешни превирања се смртоносна закана за нашата државност и за нас како нација. Ова е удар за Русија и нашиот народ“, рече Путин, повикувајќи на национално единство.
„Огромните амбиции и личните интереси доведоа до предавство“, рече Путин, мислејќи на Пригожин, кој почна да ја гради својата база на моќ од ресторан.
Друг сојузник на Путин, чеченскиот моќник Рамзан Кадиров, рече дека испратил свои војници да помогнат во задушувањето на бунтот на Вагнер.
Извор: Хина